Груевски Војвода на комитската вечера на ВМРО-ДПМНЕ - Живееме во тешки времиња
На традиционалната комитска вечера која овој пат ја организираше општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Бутел, членството го пречека Груевски како вистински војвода, за тој да им се обрати на сопартијците и потоа да заигра и оро со нив, без оглед на се погласните критики за начинот на кој ја води партијата кои пристигнуваат од различни страни. Груевски кажа дека во последниве години живееме во тешки времиња, како што е ситуацијата и последниве месеци.
- ВМРО-ДПМНЕ беше и остана партијата која што секогаш стоеше на браникот на одбраната на државните и националните интереси на Македонија, граѓаните на Македонија и македонскиот народ и така и ќе остане понатаму. 11 години бевме на чело на државата, ја предводевме, имајќи ја власта дадена од граѓаните и од народот на слободни и демократски избори. Народот 10 пати по ред излезе и кажа дека тоа е таа структура, тоа е таа партија во која најмногу верува, затоа што зад себе остававме дела, затоа што исполнувавме дадени ветувања, затоа што правевме се што можеме да помогнеме секому. Навистина на многу луѓе помогнавме, на многу категории на лица помогнавме, изјави Груевски.
Тој говореше за победа на локалните избори која ќе биде сигурна во Бутел, еден од бастионите на ВМРО-ДПМНЕ но, и на македонската држава. На вечерата присуствуваа бутелскиот градоначалник Петре Латиновски, пратеникот Јохан Тарчуловски, потоа скопскиот градоначалник Коце Трајановски, Спиро Ристовски меѓу поистакнатите членови.