Груевски во Унгарија има консултантска фирма со редовни приходи
Поранешниот премиер Никола Груевски, кој од 2018 година живее во Унгарија, неколку години има регистрирана консултантска компанија преку која остварува приходи од деловни услуги, објави унгарскиот портал 444.
Според податоците што ги пренесува порталот, Груевски во 2021 година ја основал фирмата I.C.I.C Kft., регистрирана за консултантски активности. Станува збор за мала компанија без вработени, која работи во областа на деловно и менаџерско советување.
Финансиските извештаи покажуваат дека фирмата во 2025 година остварила приходи од околу 9.600 евра, односно 3,4 милиони унгарски форинти. Во 2024 година приходите биле нешто повисоки и изнесувале околу 11.600 евра, односно 4,1 милион форинти.
Според објавените податоци, компанијата во 2025 година завршила со добивка од околу 5.650 евра, односно речиси 2 милиони форинти. Иако приходите не се високи, тие покажуваат дека фирмата има континуирана активност од нејзиното основање.
Унгарскиот медиум наведува дека редовните приходи може да укажуваат на постојан клиент или ограничен круг клиенти, но во достапните податоци не се наведува кој ги користи услугите на компанијата.
Овие информации се објавуваат во период кога повторно се отвори прашањето за правниот статус на Груевски во Унгарија. Истражувачкиот портал VSquare објави дека поранешниот премиер наводно добил унгарско државјанство во 2022 година, врз основа на унгарски државен интерес.
Таквата информација засега нема официјална јавна потврда од унгарските власти. Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата нема официјална информација дали Груевски поседува унгарско државјанство.
Од Министерството за правда соопштија дека Груевски и натаму е македонски државјанин и дека институциите продолжуваат со постапките поврзани со неговата екстрадиција, согласно домашното законодавство, билатералните договори и меѓународните конвенции.
Случајот останува актуелен поради правните постапки што се водат во Македонија, како и поради прашањата поврзани со неговиот статус и престој во Унгарија.
