Груевски вели дека нападот над Јанакиески и Спировски е потврда дека некој би го убил в затвор
Никола Груевски, во последното од серијата интервјуа што ги дава пребеганиот поранешен премиер за „Република“ вели дека екс-министерот Миле Јанакиески бил притворен во истражниот затвор Шутка „само на два-три дена колку да биде претепан, а потоа да биде вратен дома“.
- Земете го случајот на Миле Јанакиески. Тој беше во домашен притвор со дадени високи гаранции со својот имот кој судот ги прифати. Од домашен притвор го однесоа во притвор за утредента експресно да го претепаат. Потоа два дена го носеа во болници и го вратија во домашен притвор повторно. Има ли некој рационален одговор зошто го однесоа и го вратија од притвор во домашен притвор за само 2-3 дена, освен за да биде претепан. Ништо друго не е сменето. Некои луѓе сметаат дека со претепување се крши духот. Можеби кај некои. Но, кај Миле и Спиро, тоа нема да е случај. Во политиката тркалото се врти. Исто како и во животот. Не знам што планира Заев потоа, но не би сакал да сум во негова кожа. Тој засега нема акции против терористи од кои ќе ја брани државата бидејќи стана нивни миленик, но голем дел од Македонците долго ќе се сеќаваат на ова време кое колку и на почетокот кога ги нарековме „хунта“ да звучеше за некои луѓе нереално, како што минува времето, луѓето од власта, некако како од петни жили да се борат да ја оправдаат таа квалификација - вели Груевски.
Тој додава дека Спировски и Јанакиески би можеле да бидат ликвидирани во притворот и токму затоа, алудирајќи на овој случај, вели дека добил азил во Унгарија за да се заштити од наводните закани.
- Иако на прв поглед се чини дека целта беше да ги претепаат, сепак морам да истакнам дека загрижува делот од соопштението на затворот „Скопје“, во кое се вели дека ако немало „брза интервенцијата на чуварите“, инцидентот ќе завршел со многу потрагични последици. Што е потрагично од претепување и завршување во болница? Се знае: убиство. Не знам дали ова беше несреќна формулација или раководството на затворот сакаше меѓу редови да даде до знаење дека, сепак, спречиле ликвидација на Јанакиески и Ристовски. Но, една непристрасна истрага по заминувањето на оваа марионетска власт ќе го даде вистинскиот одговор и на оваа дилема - вели тој. Демантира дека тој го нарачал навидум претепувањето на двајцата екс-владини функционери, како што тврди вицепремиерката Радмила Шекеринска. - „Телепатски комуницирам и се договарам“, со терористите од Диво Насеље. И не само со нив. И со оние „ИСИС терористи“, за кои пред некој ден го преплашија народот дека ќе го кренеле Скопје во воздух. И нив ги имам „на линија“. Развив телепатски и други парапсихолошки способности за разговор со затвореници и други слични на нив на далечина од 800 км. Сепак, засега најголеми успеси имам во наведување на функционерите на СДСМ да трескаат глупости на ангро секој ден и живи да останат - вели во иронична смила поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
