ГРУЕВСКИ СО ОСТАР НАПАД НО И ЗАКАНИ ПО НАЈАВИТЕ ЗА ЕКСТРАДИЦИЈА: „Судството беше алатка за политички прогон, не за правда“
Поранешниот премиер Никола Груевски се огласи по најавите за можна екстрадиција, упатувајќи остри критики кон актуелниот министер за правда и кон, како што вели, начинот на кој се воделе судските постапки против него во минатото.
Во објава на социјалните мрежи, Груевски тврди дека министерот селективно пристапува кон случајот и го повикува, наместо да собира информации за екстрадиција, да ги истражи, како што наведува, „злоупотребите и незаконските постапки при политичкиот прогон“.
- „Го гледам и се прашувам кој е на власт во Македонија?! Воопшто не личи дека СДСМ со нивните методи си заминале од власт“, пишува Груевски.
Тој обвинува дека во периодот на владеење на СДСМ имало монтирани судски процеси, притисоци врз сведоци и судии, како и, според него, директни влијанија врз пресудите.
- „Судот има обврска да ја утврди вистината, а не да се крие зад формалности и политички нарачки“, наведува тој, додавајќи дека постоеле списоци за тоа „кој треба да биде гонет, а кој да сведочи“.
Груевски во објавата детално се осврнува и на предметите во кои беше осуден, тврдејќи дека обвиненијата биле базирани на, како што вели, „лажни претпоставки и политички притисок“.
- „Да види како сум обвинет за блиндирана кола затоа што сум се возел во неа неколку пати“, посочува тој, додавајќи дека и други случаи против него биле, како што тврди, неосновани.
Поранешниот премиер ги повикува институциите да направат целосна ревизија на судските постапки од тој период и да ги разгледаат, како што вели, сведочењата за притисоци врз обвинети, адвокати и судии.
- „Со ваков пристап не се штити правдата, туку формата. А кога формата станува поважна од вистината – правдата умира“, наведува Груевски.
Во објавата, тој истакнува дека странските политичари и јавност го перципираат како криминалец врз основа на пресудите, но тврди дека тие не се запознаени со, како што наведува, „околностите под кои тие биле донесени“.
Груевски заклучува дека очекува вистината, како што вели, еден ден да излезе на виделина и да биде препознаена и на меѓународно ниво.
- „Еден ден, сè ова ќе допре и до ЕУ“, пишува тој.
