Груевски: Пресудите се одредени уште пред да почне судењето, другото е театар
Eкс премиерот Никола Груевски се огласи на социјалните мрежи и ја коментира пресудата за случајот „Плацеви на Водно“.
Тој вели дека Македонија живее време на политички мотивирани судења против политички неистомисленици на власта, полошо од периодот на 1949 година.
„Пресудите и висината на казните се одредени уште пред да почне судењето. Се другото е „театар” за јавност, односно време на пропаганда кога и јавноста треба да се убеди, што завршува со долг политички говор и некаква психолошка анализа на судијата, бидејќи за правна нема реални аргументи. Аудио снимки се прифаќаат како доказ кога им одговара на обвинителството и судот, односно на власта за да осудат некој што им е таргет, но ако истите треба да докажат дека таргетираното лице нема вина, тогаш истите не се дозволува да се изведат како докази. Обвинителството и судот можно е да те прогласат дека си земал голема количина пари од некаде, без било каков доказ, матерјален доказ или изјава на сведок, односно без апсолутно ништо што наведува или уште помалку го докажува тоа, и без никаков срам да ја почнат реченицата со зборовите односно фразата: “се докажа дека…” па се продолжува со куп испревртени тези креирани да си го покријат сопствениот срам пред јавноста“, напиша Груевски на неговиот профил на Фејсбук.
Груевски е осуден на седум години затвор за случајот „Плацеви на Водно“ за перење пари и противправно стекнување и прикривање на имот.
Како што е наведено во обвинението, во периодот од јуни 2006 до октомври 2012 година, Груевски како претседател на партија наместо да прикаже пари како примени донации во ВМРО-ДПМНЕ, за себе прибавил 1,3 милион евра, а потоа ги пуштал во оптек и купувал парцели на Водно.
Инаку, Груевски е во Унгарија каде избега и доби политички азил.
