Груевски од опожарено Зелениково - Соодветен притисoк врз власта или лов на политички поени?
Екс премиерот Никола Груевски доцна синоќа беше во посета на општина Зелениково на чија територија се проширија повеќе пожари со цел да придонесе како што рече за поголема мобилизација и борба со огнената стихија. Груевски потсети дека додека тој бил премиер во екот на силни пожари тој лично и министрите оделе на терен со цел да ја водат координацијата и да им дадат елан на вклучените во гасењето што сега недостасува.
- Се гледа дека оваа Влада нема акција, како што ние го правевме тоа кога ја предводевме Владата, кога правевме општа мобилизација на сите оние кои што можат да помогнат, кога беа ангажирани голем број на министри, директори и се бараше помош од други држави и се одеше на терен. Јас како премиер и министрите сме преспивале по други градови со цел да бидеме на лице место и да помогнеме и да дадеме елан на сите, а сега гледам дека го нема тоа, оставаат само на помал број на пожарникари и тоа си дава свој последици. Еве 20 дена не можат да ги изгаснат пожарите, во М. Брод веќе имаме една жртва и 5 куќи изгореа и никому ништо, ниту има помош, ниту каде да се сместат, вели Груевски.
Потегот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ не е изненадување бидејќи е искористување на секоја можност за политички ПР бидејќи неговата посета не остана незабележана и беа подготвени ТВ екипи да го снимат неговото мислење дека не се прави доволно за да се сопрат пожарите на соодветен начин. Од друга страна пак, досега владини претставници не се појавија на опожарените места за бидат во центарот на вниманието и притоа да користат политички прилики.Секако, добро е да се врши притисок и да се бара ажурност и одговорност од страна на власта за поефикасно и поагилно справување со пожарите, но и истовремено да не се користат истите за политичко поентирање, што мислите вие?
