Груевски: Невозможно е да замрзнале мој имот што го немам и никогаш не бил моја сопственост
Екс премиерот Никола Груевски на Фејсбук го искоментира замрзнувањето на имотот.
Вели дека тие знаат чиј имот замрзнале, но дека негов не е.
„Денес дознав дека деновиве ОЈО објавило дека замрзнале наводен мој имот, односно земјиште и два помали стана што ги бев изнајмил, а некои од нивните апологети во медиумите тоа го објавиле како сигурна информација. Невозможно е да замрзнале мој имот што го немам и никогаш не бил моја сопственост, кој никогаш не сум го купил, ниту сум го платил, ниту поседувал ниту бил на нечие друго име или слично. Тие си знаат чиј имот замрзнале, но мој сигурно не, и под кои услови и околности кон лицата чиј имот го замрзнале, кој им е договорот и со што ги уцениле, па како резултат на тоа ги знаат и причините поради кои тие лица ‘не се жалеле’“, стои во објавата на Груевски.

Поранешниот премиер, кој доби азил во Унгарија, обвинува дека ОЈО под директива на власта, со цел негова дискредитација, има извршено уцени и жестоки притисоци.
Заплената се врши како дел од истрагата „Плацеви на Водно“ во која Груевски се товари дека ги злоупотребил парите од партиската каса на ВМРО-ДПМНЕ.
