Иако специјалната обвинителка Фатиме Фетаи пред точно два месеци на рочиштето за „Насилство во Центар“ побара Никола Груевски да биде приведен ако не доажа на време, поранешниот премиер и на денешното судење за истиот случај задоцни 15 минути.
По овој потег на обвинетиот за случајот со „нарачките на шамари“ Фетаи повторно не остана рамнодушна и побара Груевски да биде приведен и донесен со полиција на следното рочиште, доколку продолжо да тера по старо.
Инаку рочиштето за предметот ,,Насилство” и денеска се одложи, а причина за тоа е што обвинетиот Митко Пецов се разболел и не присуствуваше на седницата. На судењето требаше да сведочи експретседавачот на Советот на Општина Центар, Мирослав Шиповиќ, но и тој не се појави на судењето.
Фетаи на 13 јули побара да биде приведен Груевски бидејќи постојано доцни на рочиштата.
-Според член 380 став 3 од Законот за кривична постапка, треба да биде приведен, ова не е во ред. Вас не ве почитува чесен суде, не нас обвинителите. Пратете полиција по него, поминаа 20 минути како го чекаме сите овде седнати во судницава – се пожалија тогаш Фетаи и вториот обвинител Гаврил Бубевски.
По ова, Груевски влезе во судницата, по што доби опомена од судијата Душан Јосифов дека пречесто доцни.