Груевски: Не дозволувајте да не закрват провокациите на Заев и опозицијата
Никола Груевски во последното обраќање до своите симпатизери им порача дека на 11 декември е пресудно да гласаат за продолжување на политиката која ја развива земјата, наспроти деструктивните планови на Заев и опозицијата.
- Тактиката на СДСМ мислејќи којзнае што ќе добијат со тоа, да направи избори во декември аир им донесе само на аптеките, кои ни продаваа чаеви и витамини а на некои и антибиотици, затоа што премрзнувавме заедно со вас. Но докажавме дека ни -8 во Кочани, ни -5 во Виница, ни сув студ во Битола, Паланка или силниот ветер во Велес и други места не можеа да ја запрат громогласната порака која ечеше низ Македонија изминатиов период – Македонија силна и единствена, без двојазичност на цела територија и кантони, а со напредок проекти и конкретна и реална програма, рече Груевски.
Во изминатиот период народот масовно ни се приклучуваше и ни се приклучува и ни дава сила да истраеме и продолжиме напред во оваа нова победа која ја очекуваме сите, оценува Груевски.
- Имаме уште 2 дена и треба одговорно и мирно да ги поминеме и кризата ќе заврши. Изминативе денови има многу информации и дезинформации кои кружат помеѓу граѓаните, но посебно и во рамки на изборните кампуси. Треба само мудро и со ладни глави, порача Груевски.
Се случуваат последни обиди на разни структури да променат нешто, да проблематизираат, но мора сите одговорно и демократски да не дозволиме да успеат, да не се подлегнува на никакви провокации и обиди за закрвување.
-Уште два дена, не дозволувајте сега на крајот, да не закрват, не подлегнувајте на провокации. Тоа се последни обиди на еден систем во распад, на Зоран Заев и на подземни структури зад него, но само внимателно, не не закрвија до сега, нема ни од сега. Никој не е важен повеќе од граѓанинот на оваа држава, никој, ни поединци, ни раководства на партии. И мрачните структури сакаат да го заплашат поединецот, граѓанинот, затоа што го гледаат нивниот пораз и јасно им е какви ќе бидат резултатите и што е волјата на народот, истакна тој.
Само напред, рече Груевски, тоа сакам да го порачам на нашите граѓани, гордо и достоинствено, само напред, мирно и одговорно.
- Сите да излезете и да го дадете вашиот глас. Ако сметате дека треба да ни дадете поддршка нам во ред, ние ќе бидеме благодарни и нема да ве изневериме, го знаете тоа. Ние ја кажавме нашата програма и она за што се залагаме и што може да очекувате од нас, ако пак сметате дека треба да им дадете поддршка на Заев и неговите соработници повторно во ред. Поентата ми е дека тоа треба да е ваша и само ваша одлука. Јас сум убеден дека вие знаете што е подобро за вас, за вашите семејства и за Македонија.
11 декември, додаде Груевски, сите заедно да направиме да биде празник на демократијата и ден на гордост. -А вечерта да слави Македонија! Македонија ќе оди напред после 11 декември, ќе почне нова ера, и вие ќе сте дел од новата ера за Македонија.
