Груевски: Најубавите години ги жртвував за партијата
„Иако мојот план пред влегување во политиката беше да не се задржам подолго од 4-5 години бидејќи имав други животни и работни планови, во еден таков момент, во една таква ситуација, во едни такви сложени околности во партијата и во државата, кога почуствував дека сум потребен и на ВМРО-ДПМНЕ, и пред се на Македонија, ја прифатив понудата на Георгиевски и го прифатив предизвикот да ги ставам моите најубави години од младоста во служба на партијата, народот и на државата, да бидам новиот водач на ВМРО, предложен токму од мојот претходник на оваа позиција Љубчо Георгиевски, на кого и покрај подоцнежните несогласувања, политички разлики и споротиставености, му се заблагодарувам за укажаната доверба и поддршка, и со кого успеав по еден неколкугодишен прекин да ги обновам и до ден денес да ги задржам пријателските релации и повремени средби, при што дел од политичките разлики останаа, но остана и човечкиот, партискиот и личниот однос и комуникација“, истакна Никола Груевски од Валандово каде опозицијата го одржува Конгресот на кој ќе се бира новиот партиски лидер.
Груесвки рече дека по прифаќањето на челната позиција во партијата, следувале тешки три години на ново докажување, деноноќна работа, внтрепартиски превирања, ниски удари, и крупни предизвици, низ кои поминале, еден трнлив пат до победата во 2006 г., на која секогаш ќе се сеќава.
„Всушност, тие први три години како водач на ВМРО, и последните три беа најтешките во 14 и полгодишното водење на партијата. Не по број на работни саати и решавање на проблеми, туку по т.н. византиски игри, подли, валкани и нечесни игри со кои бев принуден да се справувавам, поле на кое не се чуствувам на свој терен. Мојот долгогодишен соработник и еден од најбриљантните умови на македонската политичка сцена, Мартин Протугер, кој освен што добро ги познава сите задкулисни игри од тој почетен период, уште подобро ги знае истите такви од последниот период, и особено последните неколку месеци, пред некој ден ми кажа како на некој пријател му рекол за мене, цитирам: „Човекот го започна мандатот во партијата со нож во грб и го завршува со нож во грб. Го корегирав, и му реков, дека не е во право, и дека, го завршувам не со еден, туку со повеќе, и не ножеви, туку ножиња во грб. Таков е животот и особено политиката. Но, денес нема да зборувам, ниту за ножот, ниту за ножињата, тоа е приказна за други времиња и прилики, или можеби приказна која треба да остане само во мене и неколкумина околу мене засекогаш, кои беа сведоци на сите познати и повеќе непознати случувања во партијата, затоа што денес, како никогаш досега ни е потребно единство, кое ќе ги стави настрана сите негативни работи, единство кое ќе не обедини и однесе во победа, единство кое преку враќањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, ќе ја врати и посветеноста, работата, грижата и одговорното и отчетно работење во Македонија на една власт, ќе ги врати инвестициите, новите работни места, зголемувањето на стандардот, градбата на крупни инфраструктурни проекти, зголемувањето на животниот стандард, решавањето на многу проблеми со кои се соочуваат граѓаните, наместо сегашната хипокризија, и поигрување со интелегенцијата на народот и неговата доверба.
Сепак, ќе останат да ми ѕунат засекогаш зборовите на едни странски врвни експерти во политички кампањи кои ни помагаа во последната изборна кампања, и кои ден по првиот круг на локалните избори дојдоа кај мене да ми го кажат нивното видување на изборниот процес и кои при крајот на кратката елаборација ми рекоа: „Господине претседателе, една работа сакаме да ви ја кажеме лично која не е пријатна, а тоа е дека додека синоќа доаѓаа изборните резултати кои беа неповолни, во салата за состаноци „Тодор Александров“, во која бевме триесетина луѓе, ваши најблиски соработници, гледавме тага на лицата на многумина од нив, но бевме изненадени што кај еден дел од вашите најблсики соработници видовме среќни лица, среќа која не можеа да ја сокријат“. Навистина, драги мои сопартијци, еден дел од моите соработници, и тоа луѓе кои добија многу, пред се доверба и шанси, функции и големи привилегии и почести, во последните месеци не можам да ги препознаам. Но, успеав тоа да го задржам длабоко во мене, да ја задржам присебноста и смиреноста, длабоко да се кршам во себе и да оставам сами да се заплеткаат и да пропаднат во гробот кој го копаат за друг или во сплетките, дворските игри, лицемерието, дволичноста, неискреноста, алчноста, интригите и предавствата кои ги прават за друг. И така и ќе биде. Исто како низ историјата на ВМРО и Македонија.
Но, за среќа, во ВМРО-ДПМНЕ има многу силни личности, честити луѓе, луѓе со висок морал и капацитет, луѓе кои искрено ја сакаат оваа земја и нејзиниот напредок, и луѓе кои имаат чиста совест, јасна мисла, многу енергија и силни морални вредности. И тие се силата заедно со новите освежувања кои сигурно ќе дојдат, сила која ќе ги надмине предизвиците и ќе ја исправат неправдата која ни се нанесе“ , посочи Груевски.
Фото: Република
