Груевски најави три нови инвестиции и работа за крушевчани, неготинчани и скопјани
Три нови инвестиции и 500 нови работни места за македонските граѓани и за развој на македонската економија, најави на својот ФБ профил лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Компанијата Malhotra Cables од Индија одлучи да инвестира во Македонија градејќи сопствен производствен погон во Технолошко-индустриската развојна зона во Скопје. Тоа е инвестиција од 10 милиони долари која ќе донесе почетни 100 вработувања со понатамошни планови за проширување. Погонот на компанијата кој ќе почне да се гради во наредните три месеци, ќе се простира на површина од 4 илјади квадратни метри, а ќе треба да биде готов до крајот на наредната година.
„Се работи за компанија која се занимава со производство на кабли и сурови материјали кои се користат во автомобилската индустрија и претставува добавувач за големи компании. Ова е нивна прва инвестиција во Европа, а производството ќе се пласира на европскиот пазар што значи развој и прилив на свежи средства во македонската економија. Првичниот контакт и разговорите околу самата инвестиција ги водеше директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриско развојните зони, Виктор Мизо“ - пишува Груевски.
Додава дека најголемата компанија за преработка на тутун во Грција, Seke, одлучила да инвестира во општина Крушево во погон за преработка и откуп на тутун.
„До крајот на март наредната година ќе започнат со градба на објектот во индустриската зона во Крушево при што ќе инвестираат 5 милиони евра. Планот е оваа фабрика по финализирање на бизнис планот да обезбеди работа за 300 вработени, со план да откупуваат годишно повеќе од 4000 тони тутун. Освен директните вработувања оваа инвестиција е значајна за поддршка на тутунарите чиј тутун ќе биде откупуван што значи сигурен пласман. Ова е одлична вест за заживување и дополнителен економски развој на општина Крушево, но и на прилепскиот регион и подрачјето на Могила и Новаци каде веќе ги имаат склучено првите договори за откуп на тутун. За носење на оваа инвестиција свој придонес има заменик министерот за земјоделие, Ванчо Костадиновски, како и градоначалникот на општина Крушево, Ѓорги Дамчески“ - информира Груевски.
Објаснува дека во Македонија влегува компанијата Lubrinaft од Република Полска. Оваа компанија ќе инвестира во производство на хидраулични масла и други масла за подмачкување во Неготино.
