Груевски: Лобираме за Македонија на конгресот на ЕПП во Малта
Никола Груевски во улога на претседател на ВМРО-ДПМНЕ учествуваше на конгресот на Европските народни партии во Малта каде оствари средби со повеќе лидери и претставници на десничарските партии од Европа, а како што вели присуството во Малта го искористил за лобирање за Македонија и пренесување на информации за актуелната политичка состојба.
Груевски оствари средба со премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, со Јанез Јанша од Словенија, со домаќинот на Конгресот и самитот на ЕПП на Малта, претседателот на националната партија на Малта Симон Бустил, со федералниот министер за земјоделие на Сојузна Република Германија и секретар за финансии на ЕПП Кристијан Смид и други политичари и влијателни луѓе од политичкиот естаблишмент на европско ниво.
Во отворената сесија на обраќања на шефови на влади и држави се обрати и премиерот на Република македонија Емил Димитриев. Тој во своето обраќање се осврна на важноста на европските интеграции како стратешки интерес на Република Македонија, но и улогата на државата во справување на мигрантската криза.
Премиерот Емил Димитриев нагласил дека Македонија докажала дека е лојален партнер на кој може да се потпрпе Унијата и кога Македонија може да биде еден од столбовите и на браникот на европските интереси, подеднакво важно е да биде и дел од стратешките планови и дел и од семејството на Европската Унија.
Димитриев потенцираше дека потребна е одржлива надеж и извесност на европските интеграции на државите од Западен Балкан и дека Република Македонија како и досега ќе продолжи поактивно да вложува во унапредување на односите и во градење на мостови на соработка во регионот како и дека приоритет се добрите соседски односи.
