Груевски добил унгарско државјанство во 2022 година, Будимпешта засега молчи
Поранешниот македонски премиер Никола Груевски кој од 2018 година живее во Унгарија, добил целосно унгарско државјанство во 2022 година врз основа на „унгарски државен интерес“, објавува истражувачкиот портал ВиСквер (VSquare), повикувајќи се на извори од унгарската влада.
Според објавата, Груевски најверојатно сè уште се наоѓа во Унгарија, а неговиот статус е значително посигурен од статусот на други политички азиланти кои добиле заштита од претходната власт на Виктор Орбан.
Порталот посочува дека државјанството претставува многу посилна правна заштита отколку политичкиот азил, бидејќи азилот може да биде одземен, додека одземањето државјанство е значително посложена постапка.
Според анализата на ВиСквер, за да му биде одземено државјанството, би требало да се докаже дека било стекнато со измама или корупција.
Груевски избега од Македонија во ноември 2018 година, непосредно пред да започне со издржување на двегодишната затворска казна во предметот „Тенк“, поврзан со набавката на луксузен блиндиран „мерцедес“. Потоа преку Албанија, Црна Гора и Србија стигна во Унгарија, каде што доби политички азил.
Во текстот се наведува и дека унгарската влада не одговорила на барањето за коментар во врска со информациите за државјанството на Груевски.
Новиот унгарски премиер Петер Маѓар откако победи на изборите порача дека Унгарија нема да биде засолниште за криминалци.
Груевски цело време се жали дека против него имало прогон и затоа избегал.
