Груевски бара 20 лични обезбедувачи поради закани?
Поранешниот премиер, Никола Груевски бара од МВР најмалку 20 лични обезбедувачи, oбјави ТВ 24.
Екс премиерот го поднел барањето на петти месецов, а во него навел дека добивал бројни закани во изминатиот временски период. Освен заканите, Груевски навел и дека во моментов, но и во иднина ќе има исклучително интензивен политички ангажман во својство на пратеник, па поради тоа бара министерот да му одобри најмалку 20 лични обезбедувачи.
Министерството за внатрешни работи денеска остана недостапно за коментар. Оттаму ниту ја потврдуваат ниту ја демантираат информацијата.
Извори на ТВ 24 брифираат дека Груевски никогаш не пријавил во полиција дека добивал закани што е еден од клучните фактори, зошто екс премиерот би добил дополнително обезбедување.
Груевски и по заминувањето од премиерската функција користел повеќе од 20 телохранители, иако за тоа немал дозвола од надлежен министер. Со доаѓањето на Оливер Спасовски на чело на МВР, Груевски останал со шест обезбедувачи, како што налага законот. За споредба, додека ја извршувал премиерската функција, лидерот на ВМРО - ДПМНЕ користел 78 лични обезбедувачи.
