Груевски 11 часа под „тенковски бомби“ во суд
Екс премиерот Никола Груевски ќе стане рекордер во македонското правосудство со едно од најдолгите судски рочишта кое траеше десетина часа, при што во судница се преслушуваа сите „бомби“, односно телефонски разговори во кои се договара начинот на кој ќе биде набавен скапиот службен блиндиран Мерцедес.
Груевски како еден од првообвинетите во повеќе случаи на СЈО ниту денес нема да може да одмори од судските рочишта, ниту пак доби дозвола за одложување на процесите за да присуствува како опозициски пратеник на ВМРО-ДПМНЕ на закажаната седница на која ќе се бара изгласување на недоверба на Владата предводена од премиерот Зоран Заев.
Судијката Добрила Кацарска го одби барањето на Груевски да се одложи утрешното рочиште, па тој нема да може да биде дел од утрешната собраниска седница.
Ваква маратонска седница од 11 часа досега немало во судската пракса, вели адвокатот на Груевски кој го окарактеризира случајот како голем преседан и притисок врз обвинетите.
