ГРУБИ СРЕЌЕН - Успеавме да воведеме употреба на албанскиот јазик во законот за ЈО
Во рекордно време Комисијата за европски прашања ја заврши расправата за предлог законот за јавно обвинителство и на Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавни обвинители, без прифатен ниту еден амандман. Двата закона веќе ги проследивме на пленарна седница и сега се во рацете на претседателот на Собранието Талат Џафери, кој откако ќе потврди дека имаме двотретинско мнозинство кое јас верувам дека веќе го имаме ќе ја свика пленарната седница за да се изгласаат. Ова го изјави по денешната седница на Комисијата за европски прашања нејзиниот претседател и пратеник од ДУИ Артан Груби.
Апсолутно сите барања на ДУИ и на заедницата, како што дополни, се инкорпорирани во двата закона.
„Успеавме да воведеме Бадентер во изборот на сите јавни обвинители во обвинителството за гонење организран криминал и корупција, успеавме да ја вметнеме и целосната еднаква службена употреба на албанскиот јазик во Јавното обвинителство и Советот на јавни обвинители, согласно со одлуките пропишани во Законот за употреба на јазиците, како и намалување на критериумите за избор на јавни обвинители при што ќе се обезбеди правична застапеност и на Албанците и на другите етнички заедници во Јавното обвинителство“, рече Груби.
Одговарајќи на новинарско прашање наведе дека смета оти веќе имаат двотретинско мнозинство со оглед на тоа како се одвивала дебатата на Комисијата за европски прашања и со оглед на тоа какво е расположението кај пратениците.
