Груби смета дека притворањата се случуваат во незгоден период
Пратеникот Артан Груби во емисијата "Патот кон" на Алсат рече дека неодамнешните притворања на поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски и најавата дека таква судбина го чека екс-собранискиот спикер Трајко Вељановски доаѓаат во деликатен период за Македонија.
Тоа може, според организацискиот секретар на ДУИ, да делува негативно пред претседателските избори, датумот за преговори со ЕУ како и реформските процеси кои допрва треба да се остваруваат и да се работи на нив. Тој се надева дека последните инциденти нема да влијаат на влошување на политичката клима меѓу двете најголеми македонски партии што инаку би довело до колапс на реформите што се веќе превземени во Собранието.
- Овие апсења се случуваат во време дедека ние сме во пресрет на претседателските избори. Судир меѓу двете најголеми македонски партии може да донесе стагнација во реформите во Собранието и тоа може да донесе негативен резултат на претседателските избори. Но, настаните од 27 април не треба да бидат замаглени. Во Законот за амнестија е јасно наведено дека нема да му биде простено на организаторите на 27 април и на оние кои користеле насилство - изјави Груби.
Инаку вчера пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека нема да учествува во реформските процеси и закони доколку не и се допушти да одбере нов главен јавен обвинител дури и по цена да наиде на негодување кај меѓународниот фактор.
