Груби ја обвини Царовска дека таа е одговорна за скандалот со пензиите
Пратеникот Артан Груби ја обвини министерката за труд и социјална политика Мила Царовска дека не регирала навремено со обелоденувањето на сканадлот со непрефрлање на голема сума на пари во вториот пензиски фонд во последните десет години гостувајќи во емисијата „200“ на Алсат ТВ. За координаторот на пратеничката група на ДУИ самата афера не е скандалозна и дека не треба никој да сноси одговорност, иако Владата сега ќе враќа 19 милиони евра како обештетување.
– Министерката е две години на таа функција и ако биле направени овие погрешни трансфери, тие се направени и во нејзино време, бидејќи трансферите се прават од Министерството со кое раководи таа. Значи одговорноста треба да се бара најпрво кај неа, а потоа и кај другите. Во целиот овој период ние сме имале низа министри. Додека поделбата во првиот и вториот столб е направена од времето на Владата на СДСМ-ДУИ уште од 2003 година. Затоа, сакам да кажам, ако има било какви докази таа требала да се обрати во обвинителството и во надлежните органи, а не на прес-конференција, вели Груби.
Тој, исто како и вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, се стави во одбрана на тогашните директори на Фондот за ПИОМ, кои доаѓаа од редовите на ДУИ, иако оваа институција е под хиерархија на Министерството за труд и социјала кое своевремено го водеа и Спиро Ристовски и Диме Спасов од ВМРО-ДПМНЕ.
– Во случајов се работи за не толку умерена изјава на министерката Царовска, која можеби се уште мисли дека раководи со некоја невладина организација, а не толку важно министерство со кое раководи. И ќе треба на своите јавни презентации, особено за вакви прашања да внимава на начинот на презентација, бидејќи во случајов и денес се потврди, дека не се работи за злоупотреба на ниту еден денар. Се работи за системска грешка, дека средствата се префрлеани во првиот столб, а не во вториот столб. Ниту еден денар од префрлените пари не се злоупотребени. Ова го потврди денес самата госпоѓа Царовска на прес конференција со директорот на Пензискиот фонд на Република Македонија, вели Груби.
