ДУИ им се закани на обложувалниците: Ќе ви го срушиме монополот!
ДУИ попладнево објави статус на социјалните мрежи со кој на обложувалниците им се закани „дека ќе им го сруши монополот“ и дека во иднина „нашите деца ќе останат подалеку од нив“.
Според владеачката партија, со новиот Закон за игри на среќа што чека да биде изгласан по скратена постапка, со оддалечување на обложувалниците на 500 метри од училиштата, аштитува и спречува малолетници, како што пишува министерот за политички систем, да се вклучат во коцкање.
Како што се огласија од ДУИ, со новото законско решение се зголемува сумата која се бара за потребните лиценци и со тоа ќе се зголемат средствата во буџетот.
„Кој го штити 15-годишниот монопол даден на бугарско-српско-македонска компанија за организација на коцкање, чија „пријавена“ добивка е просечно 15 милиони евра годишно? Кој од албанската опозиција лобираше за измена на законот во корист на казината? Законот е одобрен од Владата, очекуваме пратениците веднаш да го поддржат.
Отстранувањето на казината и обложувалниците како и демонополизацијата на индустријата се политики и програми на Демократската унија за интеграција, но и на Владата во акти одобрени од Собранието“, соопшти ДУИ.
Од Мала Речица се решени „да ги демонополизираат сите индустрии кои се поврзани со „политичкото подземје“.
„Ниту една кампања спонзорирана од валкани пари од монополот што ги држи опструкторите во заложништво нема да не спречи во нашата решеност да ги тргнеме нашите деца од коцката, да го демонополизираме и либерализираме пазарот и да ги зголемиме приходите во буџетот! Нема да не спречат блокирачките, клеветничките, негативните и навредливите кампањи, ќе продолжиме да ја рушиме секоја бариера пред нас“, порачува храбро ДУИ.
Асоцијацијата на обложувалници изминатиот период реагираше дека со ваквите законски решенија, поединци од власта сакаат да ги истиснат домашните компании надвор од пазарот и со тоа да овозможат влез на сомнителни недоверливи странци кои треба да организираат онлајн игри на среќи преку повик со однапред договорени услови од Државната лотарија.