Груби бара истрага за пукањето на митинг во Чаир
Првиот вицепремиер Артан Груби го осуди пикањето од огнено оружје на отварањето на изборниот штаб на ДУИ во Чаир на 27 септември. Инцидентот се случи во моментот кога говор држеше пратеникот Изет Меџити, а на настанот присуствуваа и Груби, како и заменик-министерот за внатрешни работи Назим Буши, градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу и други кандидати од листата на советници на ДУИ.
„Апсолутно осудуваме секакво пукање не само на митинзи, туку било каде и
истражните органи треба да спроведат истрага.
На секој митинг апелираме за достоинствена кампања и впрочем нашата 20 годишна
историја на организирање избори кога сме ги предводеле институциите покажува дека
тие биле примерни„, изјави Груби за Плусинфо.
Министерството за внатрешни работи постапува по случајот каде на отворање на изборен штаб на ДУИ во Чаир, било пукано во воздух од огнено оружје, потврди претходно премиерот Зоран Заев, наведувајќи дека од МВР го информирале дека работат на случајот.
„Без разлика за кого се работи ова е недозволиво. Не знам која била намерата, ако некој мисли дека така привлекува гласови се лаже. Тоа одвраќа гласови. Демонстрацијата на сила, мускули и не знам што, па и пукање во воздух е навистина недолично за земја аспирант за членство во ЕУ и на крај не е прагматично добро. Јас јавно му кажав и на министерот за внатрешни работи да се постапува по сите случаи, не ме интересира кој е, секој да си одговара, поради тоа што ова не смее да се повтори“ изјави претходно Заев.
