Грковска: Ќе треба да се промени и Законот за јавни набавки заради црната листа на САД
Вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска во „Тема на денот“ на ТВ Сител рече дека покрај донесувањето на Законот за рестриктивни мерки, со кој ќе стане ефективно ставањето на функционери на црната листа на САД, ќе треба да се донесат и неколку други законски измени.
Според Грковски, во моментов има групи кои застапуваат позадински интереси да не се донесе ваквиот Закон.
- Ние се договоривме во пакет со овој Закон да се предложат неколку други законски решенија со кои ќе се дорегулираат овие прашања, што се врзани со оваа материја - како Законот за јавни набавки и така натаму, за да имаме едно комплетно решение со кое што ќе ги демантираме сите оние кои се повикуваат на наводно загрозување на уставот и суверенитетот, само за да се спречи донесувањето на ваквите механизми, рече Грковска.
Американската и британската црна листа влегуваат во македонските закони. Од Владата одобрени се измените на законот кои овозможуваат македонските државјани и фирми кои ќе се најдат на црните листи на САД и Велика Британија, поради корупција или злоупотреба на службената положба, да бидат санкционирани и од домашните власти. Ваквата одлука следува откако минатата година, десетина македонски функционери и бизнисмени завршија на овие непосакувани списоци, но немаше никаква реакција од македонските правосудни органи.
