Економија, финансии, бизнис

Контакт

Грција сепак ќе најде решение за метежот на Евзони?

Грција сепак ќе најде решение за метежот на Евзони?

Грција најавува пакет нови мерки за граничните премини Евзони и Кипи, откако новиот европски систем за влез и излез, познат како ЕЕС, донесе дополнителни задржувања, нервоза и долги колони. 

Одлуката е донесена на работен состанок во Солун, кој го свика заменик-министерот за внатрешни работи на Грција, надлежен за областите Македонија и Тракија, Константинос Гулекас. На состанокот учествувале претставници на надлежните институции, безбедносните служби и локалните власти, а фокусот бил ставен на граничните премини Кипи кон Турција и Евзони кон Македонија.

Гулекас посочил дека туристичкиот и трговскиот сообраќај кон Грција постојано расте, но дека европската директива за проверка на биометриските податоци на секое лице што влегува или излегува од земјата создава дополнителни доцнења при неопходните полициски контроли.

Токму ова е јадрото на проблемот на Евзони. Патниците повеќе не минуваат само низ класична проверка на документи, туку и низ систем кој бара внесување и проверка на биометриски податоци. Кога на тоа ќе се додадат викенди, празници, туристички бранови и стара инфраструктура, границата лесно се претвора во тесно грло.

Според најавите од грчките власти, мерките ќе се пренесат веднаш на терен. За денеска се закажани посети на специјални тимови на граничните премини Евзони и Кипи, со цел да се разгледа непосредната примена на дополнителни решенија што биле дискутирани на состанокот.

Во тимовите ќе бидат вклучени претставници од Децентрализираната администрација Македонија – Тракија, од перифериите Централна Македонија и Источна Македонија – Тракија, од полицијата, царинските служби и надлежните општини.

Новиот пакет мерки предвидува дополнително зајакнување на информатичките системи за побрзо спроведување на контролите, но и разгледување на можноста за изградба на привремени технички решенија што би го олесниле протокот на патници и возила.

Тоа значи дека Грција засега не зборува само за подобра организација на постојниот систем, туку и за физички и технички интервенции кои би требало да го намалат притисокот на премините. 

Грчкиот министер за заштита на граѓаните, Михалис Хрисохоидис, претходно од Халкидики изјави дека Грција мора да ја спроведува европската легислатива, бидејќи Европската комисија инсистира на целосна примена на ЕЕС системот..

Слично

Поврзани вести