ГРЦИЈА ПОТСЕТУВА: Придржувањето кон Договорот од Преспа ќе треба да биде строго и целосно за можеме да разговараме на исто ниво
Грција нè потсетува дека е потребно доследно, строго и целосно почитување на Договорот од Преспа.
„Нашите односи со Северна Македонија се наоѓаат на исклучително задоволително ниво, билатералните односи се развиени во последните пет години, многу повеќе во споредба со претходните 15 години и се наоѓаат во континуирана динамика, но, мора да бидеме јасни дека придржувањето кон Договорот од Преспа ќе треба да биде строго и целосно за можеме да разговараме на исто ниво“, изјави министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Герапетритис од грчкиот Парламент, јави дописничката на МИА од Атина.
Герапетритис одговараше на пратеничко прашање на пратеничката од СИРИЗА Рена Дуру околу трите меморандуми за соработка со Северна Македонија кои од 2019 година сè уште не се донесени во Парламентот за ратификација.
„Предвидените меморандуми ќе дојдат за ратификација во Парламентот во време кое грчката држава ќе го оцени како соодветно и секогаш поврзано со правилното и добронамерно спроведување на одредбите од Договорот од Преспа“, рече Герапетритис.
Уште еднаш повтори дека Договорот од Преспа е меѓународен договор што не може да се измени од никоја од страните. Вели дека грчката Влада внимателно го следи спроведувањето, а паралелно детално се осврна и на промената на пасошите, за кое посочи дека „сè уште не постои целосна усогласеност“.
Појасни дека „прилагодувањето на патните исправи е поврзано со петгодишниот технички преоден период што го имаше соседната земја“.
Договорот од Преспа е потпишан на 17 јуни 2018 година во Нивици.
фото МИА
