Грција останува затворена до 3 мај: Задолжителен ПЦР тест и за деца под 5 години
Одлуките за привремено ограничување на копнените граници, како и за забраната за влез на државјани на трети земји, грчката Влада ги продолжи за уште една седмица, односно до 3 мај 2021 година, а новата одлука, што претставува продолжување на претходната од минатиот понеделник, веќе е објавена во Службен весник на Грција и стапува во сила утре во 6 часот наутро, јави дописничката на МИА од Атина.
Промена има во последниот член на одлуката, каде што е додаден нов став што се однесува на задолжителниот ПЦР тест што патниците треба да го покажат при влезот во земјата и наведено е дека важи и за деца кои наполниле пет години, нешто што не беше споменато во претходните одлуки.
Од задолжителниот карантин и забраната за влез, исклучок се државјаните на членките на ЕУ и на уште 11 други трети земји, кои задолжително треба да имаат или сертификат за вакцинација или негативен ПЦР тест.
Со воведените промени од минатата седмица, што се продолжени и сега за влез преку Бугарија, освен Промахонас (Кулата), отворен е и преминот Нимфеас (Маказа), преку кој посетителите, за кои е дозволен влез, можат да пристигнат во Грција.

Првиот член од министерската одлука се однесува на копнените граници, односно на привременото ограничување на сите копнени (патните и железничките) поврзувања од и кон земјата „од превентивни причини за заштита на јавното здравје од дополнително ширење на коронавирусот Ковид-19, како и забрана за влез на лица преку наведените поврзувања, освен ако исполнуваат конкретни предуслови“.
За граничниот премин Евзoни (Богородица) кон Северна Македонија, како и Какавиас кон Албанија не постојат промени, односно ќе работат од 7 до 19 часот по локално време, дозволен е влез само за одредени категории, со потврда за претходно направен негативен ПЦР тест и со негативен резултат од брзиот тест на самиот граничен премин направен од грчките власти, дневно дозволено е во Грција да влезат најмногу 400 лица, додека пак задолжителен е домашен карантин од 14 дена, објави МИА.
За транспортерите, Евзони е отворен од 7 до 23 часот по локално време, а исто како и за останатите патници за кои е дозволен влез, така и на возачите на камиони, негативен резултат од рапид тестот направен на граничниот премин е предуслов за влез во Грција.
