Грција му брои на Мицкоски колку пати кажал „Македонија“
Грција му изброи три пати употреба на името „Македонија“ на мандатарот Христијан Мицкоски во денешното свое експозе во Собранието на седницата на која ги претстави идните членови и програмата на Владата.
Дел од информативните портали коментираат дека станува збор за „нова провокација“, јави дописничката на МИА од Атина. АНА-МПА излезе со наслов „Северна Македонија: Христијан Мицкоски ја нарече земјата „Македонија“ во експозето како мандатар за неговата Влада“.
-Идниот премиер Христијан Мицкоски при експозето за програмата на Владата што ќе ја предводи, земјата, и тоа трипати ја нарече „Македонија“, без да го користи уставното име на државата, пишува АНА-МПА, а се осврнува и на делот за надворешната политика, пренесувајќи дека Мицкоски „ја повтори поддршката на неговата земја за Украина, а спомена дека неговата влада ќе негува односи на соработка со соседните земји“.
Грчката новинска агенција потсетува на неодамнешната изјава на Мицкоски дека „на инаугурацијата на неговата влада ќе го користи уставното име на државата“.
Конкретниот текст го презедоа останатите медиуми во Грција, кој го пренесуваат под различни наслови: „Нова провокација од Мицкоски: Повторно говореше за Македонија“; „Нова провокација: Премиерот Мицкоски трипати ја нарече „Македонија“ неговата земја“; „Одново провоцира Мицкоски: Повторно земјата ја нарекува „Македонија“; „Мицкоски: Три пати ја нарече неговата земја „Македонија“ за време на говорот во Собранието“.
