Грција ја превзема иницијативата по ставот на Макрон, Димитров заминува во Солун
Министрите за надворешни работи на земјите-кандидатки за Европската унија од Западен Балкан, меѓу кои и Никола Димитров, ќе се состанат во Солун во понеделник. На собирот ќе бидат присутни и шефовите на дипломатиите на членките на ЕУ од регионот, на Грција, Хрватска (која моментно претседава со ЕУ), Романија и Бугарија. Разговорите треба да се фокусираат на изгледите на шесте земји кандидати - Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово - во светло на неодамнешната промена на ставот на францускиот претседател Емануел Макрон за прашањето за проширување на ЕУ, објави Катимерини.
Задоволен од фактот што новите правила ќе вклучуваат „условеност“ и „реверзибилност“ во процесот на проширување, Макрон рече дека е подготвен да го укине ветото и да даде зелено светло за преговорите со Скопје и Тирана, под услов Комисијата да даде позитивна препорака во март. По неформалната средба на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел со шесте лидери на Западен Балкан (на која присуствуваше претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен) со цел да се спроведе „искрена, интензивна и отворена дискусија“, иницијативата сега е во грчки раце.
Во меѓувреме, притисокот паѓа врз земјите кандидати, пред се Македонија и Албанија. Притисокот на Макрон за построги правила за пристапување ги фрустрираше владите на Западен Балкан, бидејќи тие сметаа дека ЕУ им ја затвора вратата, но сепак тоа беше чекор во вистинската насока. Топката сега се префрла кај земјите кандидати, кои мора да ги спроведат потребните реформи. Ова нема да биде лесна задача, бидејќи нивните општества се заглавени во корупција и организиран криминал, коментира Катимерини.
Сепак, нема друг начин. Грција мора да биде јасна за ова кога министрите за надворешни работи ќе се сретнат во Солун, каде започна долгото патување на балканските земји кон ЕУ во 2003 година.
