Грчкото МНР со реакција по изјавата на Мицкоски: Во меѓународните договори нема де факто ситуации
Министерството за надворешни работи на Грција упати реакција откако премиерот Христијан Мицкоски во телевизиско гостување рече дека старото уставно име „Македонија“ е вратено во пракса.
- Ги гледам, аха, не можело на Мицкоски да му се верува, тој рече дека ќе го врати името, ќе го поништи (Преспанскиот) договор. Па, еве – го вративме. Па, дури и Венко, кому му беше устата полна со ‘северна’, сега користи Македонија, рече претходно Мицкоски во гостувањето на ТВ Сител.
Во реакцијата се вели Преспанскиот договор е апсолутно обврзувачки за двете страни, како на меѓународно, така и на домашно ниво.
„Во меѓународните договори нема де факто ситуации, нивната примена е униформна и универзална. Напредокот во билатералните односи со Северна Македонија и непреченото продолжување на европскиот пат на соседот бараат строго придржување до договорите и почитување на принципот на добрососедски односи“, се вели во соопштението објавено на интернет страницата на грчкото Министерство за надворешни работи.
Во реакцијата се вели и дека секој обид за фалсификување или менување на содржината на Преспанскиот договор нема да биде прифатен од грчката страна.
„Преспанскиот договор е дел од меѓународното право и неговото почитување е основа за мирен соживот на народите и државите“, додаваат од грчкото МНР.
Премиерот коментирајќи ги критиките од СДСМ дека не може да му се верува, меѓу другото, зашто ветуваше поништување на Преспанскиот договор, а не го оствари, како аргумент дека не е така во интервју за Сител го посочи лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, кој, како што рече, постојано во јавните настапи користи Македонија.
