Грчкото МНР реагира за изјавата на Мицкоски: Секој обид за фалсификување или менување на содржината на Договорот oд Преспа нема да биде прифатен
Грчкото Министерство за надворешни работи реагираше денеска за изјавите на премиерот Христијан Мицкоски кој за внатрешнополитички цели тврдеше дека го „вратил името“ на Македонија бидејќи и лидерот на СДСМ, Венко Филипче почнал да ја нарекува така земјата наместо Северна Македонија.
„Потсетуваме дека уставното име на соседната држава е ‘Северна Македонија’, како што е јасно дефинирано во член 1 од Преспанскиот договор, на кој таа е страна. Преспанскиот договор е дел од Уставот на Северна Македонија и е целосно обврзувачки за двете страни, како на меѓународно, така и на домашно ниво. Секој обид за фалсификување или менување на содржината на Договорот нема да биде прифатен од грчката страна. Преспанскиот договор е дел од меѓународното право и неговото почитување е основа на мирниот соживот на народите и државите. Во меѓународните договори нема фактички ситуации, нивната примена е униформна и универзална. Напредокот во билатералните односи со Северна Македонија и непреченото продолжување на европскиот пат на нејзиниот сосед бараат строго почитување на договорите и почитување на принципот на добрососедски односи“, стои во реакцијата на грчкото МНР.
Со Договорот од Преспа е решен спорот за името кој траеше три децении.
foto Wikipedia/A.Savin
