Грчките медиуми будно ја следеа посетата на Јункер на Македонија
Грчките медиуми будно ја следеа посетата на шефот на ЕК Жан Клод Јункер на Македонија, ставајќи акцент на неговата порака дека е потребно да се реши прашањето за името. Но и за тоа дека по пристигнувањето во Скопје, Јункер забележал промени во позитивна насока. „Јункер до Заев: Вашата земја е дел од европската историја“, „Јункер: Не дојдов во Скопје за да соопштам конечен датум за интеграција“, „Јункер: Продолжете и решето го прашањето за името“, „Не дојдов овде за да соопштам конечен датум за интеграција, потенцираше Жан Клод Јункер од Скопје“, се дел од насловите во грчките медиуми.
– Жан Клод Јункер му потенцираше на Зоран Заев дека треба да се реши проблемот со името, а не испушти да го коментира преименувањето на меѓународниот аеродром на соседната земја - пишува „Real.gr“.
Весникот „То Вима“ наведува дека Јункер е импресиониран од напредокот во реформите што се направени во соседната земја и оти ја потенцираше потребата да продолжи на овој пат и да го реши прашањето со името со Грција.
– Користејќи внимателни изрази и без ниту еднаш да го спомене зборот Македонија, Жан Клод Јункер на заедничката прес-конференцијата со скопскиот премиер, даде надежи за почеток на интегративниот процес, но поставувајќи го како предуслов решението на името, но и други реформи - оценува грчката делевизија Алфа.
Според Алфа, турнејата на Јункер е за да ги охрабри земјите од Западен Балкан на нивниот долг пат до интеграција, но и за да ја направи појасна намерата на ЕУ да игра главна улога на Балканот.
