Грчкиот предлог ќе стигне во Скопје пред Коѕијас
Драфт-верзијата на спогодбата за спорот со името е подготвена, доставена е до грчкото МНР и грчката влада, и прво ќе биде испратена до Македонија, а потоа шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас ќе допатува во Скопје.
Во интервју за грчкото државно радио, Коѕијас откри дека грчкиот предлог е готов и дека најверојатно ќе дојде во март во Скопје, а не во февруари како што се шпекулираше. Посетата на Скопје, тој сака да ја одбележи со мал, симболичен настан.
- Размислувавме дека можеби би било добро, на некој начин, да направиме мал, симболичен настан за да го потенцираме фактот дека се менува текот на работите. Наместо да имаме ескалација на националистички „напади“ со симболи против Грција, имаме ограничување и отстранување на иредентистичките симболи што го преплавија Скопје - порача Коѕијас.
Во однос на Нацрт-спогодбата тој повтори дека е содржено името и изведените зборови, но избегна да каже дали станува збор за предлогот Горна Македонија, исто како што не кажа колку имиња се предложени од грчка страна.
Коѕијас упати критики и до опозициските партии. Тој истакна дека „Заев има право кога вели дека никој не побарал промена на Уставот“, бидејќи претходните грчки влади не го барале тоа. А на сите оние што не се согласуваат терминот Македонија да биде вклучен во името, првиот човек на грчкото МНР им објасни дека уставното име е признаено од 140 земји, пренесува МИА.
