Економија, финансии, бизнис

Контакт

Грчкиот печат на големо пишува за провокациите на Дачиќ кон Македонија

Грчкиот печат на големо пишува за провокациите на Дачиќ кон Македонија

Многу од грчките медиуми ги пренесоа изјавите на српскиот шеф на дипломатијата, Ивица Дачиќ, дека Србија не требало да ја признае Македонија под уставното име и дека направила голема грешка. 

Кај јужниот сосед ова е актуелна тема. „Дачиќ: Грешка што го признавме Скопје под уставното име“, „Србија зажали што го призна Скопје како Македонија и ги навреди Грците“, се  насловите кои осамнаа во грчкиот печат. 

„Црвен картон од Србија за Скопје“ е насловот на коментарот на весникот „Етнос“, кој ја пренесува изјавата на Дачиќ. Весникот прво прашува дека Дачиќ се правда кон Грција и го менува ставот кон Македонија, а потоа го пренесува делот од интервјуто на српскиот министер за агенцијата БЕТА, додавајќи дека Дачиќ смета дека признавањето е грешка и е лут поради македонскиот став кон Косово.

Порталот „Њузбомб“ пишува дека Дачиќ покажал каење за признавањето на Македонија, забележувајќи дека таквиот чекор бил навреда за Грците. „Трибјун“ наведува дека Србија зажалила што ја признала Македонија и ги повредила Грците со кои има добри односи.

Порталот „Њуз 247“ пишува дека Дачиќ признал, иако со задоцнување, дека е грешка тоа што Србија ја признала Македонија под уставното име и на тој начин ѝ плеснала шлаканица на Грција. 

Од грчкото министерство за надворешни работи не стигна официјална реакција за изјавите на Дачиќ.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас, според грчките медиуми, планира на 30 и на 31 јануари да ја посети Србија. Оваа посета, според оценката на „Катимерини“, симболично ќе го означи почетокот на нова поактивна грчка политика и отворање кон Балканот, иако со задоцнување од две години. Таа има цел да ја засили грчко-српската дипломатска соработка во моменти кога има отворени прашања меѓу Грција, Македонија и Албанија.

Грција отворено изразува поддршка за европската перспектива на Косово, но поради добрите врски со Србија сè уште нема пристапено кон признавање на државата.

„Меѓу Србија и Македонија има многу блиски и длабоки пријателски односи и не е случајно што граѓаните во двете земји имаат многу позитивни чувства за соседите од другата страна. На политичарите останува само да ги продлабочуваат тие историски односи. Доколку тоа не е возможно, тогаш треба да бидат одговорни барем да не го рушат пријателството кое постои меѓу Македонија и Србија, во двата правци“- одговорија од македонското МНР по изјавата на Дачиќ. 

По ова Дачиќ изјави дека Белград никогаш ништо не направил и нема да направи на штета на Скопје и дека  би сакале да биде и обратно. 

„Вечерње новости“ пишува дека за овие изјави Дачиќ добил аплаузи од Грција. 


Слично

Поврзани вести