ГРЧКИ МЕДИУМИ: Димитров ќе ја посети Атина и сака да се запознае со Каменос?
Грчките телевизии „Скај“ и „Антена“ објавија дека македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров во
разговор со грчките новинари кажал дека по средбите во Виена можеби ќе ја посети Атина и изразил желба дека сака
да се запознае со Панос Каменос.
Како што јави дописникот на МИА од Атина, новинарите, кои заедно со грчката делегација пристигнаа во Скопје, коментираат дека посетата на Никос Коѕијас поминала во добра и пријателска клима и дека постои хемија меѓу двајцата министри и волја за решение, но дека разликите остануваат непроменети, а се однесуваат на Уставот и формулацијата на името.
„Двајцата министри од четвртокот вечерта поминаа шест часа заедно, отворајќи ги сите
прашања. За сега се чини дека не се направија многу чекори напред, напротив, излезе нов
проблем, како што сфативме од господинот Димитров, а тоа е името. Сака да биде со 2 збора
и да биде преведено на англиски јазик. Второто големо прашање е Уставот. Не само промена
на иредентистичките точки, туку и во однос на опсегот на употреба на името“- наведуваат грчките медиуми.
Весникот „Та неа“ коментира дека ако некој сака да извлече заклучок од историската посета
на Коѕијас во Скопје, „би рекол дека двете страни се доста далеку за да постигнат договор“.
Грчката новинска агенција АНА-МПА, во текстот под наслов „Коѕијас: Направивме чекори
напред“, пишува дека и од двете страни има волја за решение „што ќе ги отвори вратите на
иднината“.
