Економија, финансии, бизнис

Контакт

Гранит со намалени приходи, но годината ја заврши со добивка благодарение на дивидендите - профитот надмина 3 милиони евра

Гранит со намалени приходи, но годината ја заврши со добивка благодарение на дивидендите - профитот надмина 3 милиони евра

ГД Гранит АД Скопје во 2025 година оствари позитивен финансиски резултат, благодарение на вложувањата во профитабилни акции, и покрај значителниот пад на приходите, покажуваат неревидираните консолидирани извештаи објавени на Македонска берза.

Согласно објавата вкупните приходи за периодот јануари–декември достигнале околу 52,7 милиони евра, што е намалување од 16 проценти во однос на претходната година. Сепак, извештајот открива дека приходите од продажба достигнуваат до 47,2 милиони евра, при што имале пад од 20 процнети, главно поради завршување на неколку крупни проекти и доцнење на нови тендери.

Но, ова не беше причини компанијата да ја заврши годината со намалени приходи. 

Напротив, финансиските приходи ја зголемија добивката на Гранит и достигнаа до скоро 2,56 милиони евра, раст кој најмногу се должи на  повисоки дивиденди од вложувањата во акции, вклучително и во Комерцијална банка.. 

- Остварените консолидирани вкупни приходи во периодот Јануари- Декември2025 година изнесуваат 3.238.812 илјади денари и вос поредба со остварените во истиот период 2024 година бележат намалување за 16 отсто.

Приходите од продажба за периодот Јануари - Декември2025 година изнесуваат 2.903.001 илјади денари и воспоредба со остварените во 2024 бележат намалување како резултат на фактот дека неколку поголеми проекти на кои работеше Друштвото се завршени до крајот на 2024 година или во текот на 2025 година, додека нови проекти се уште се во тендерска процедура.

Финансиските приходи за периодот Јануари - Декември 2025 година изнесуваат 157.311 илјади денари и бележат зголемување за 34 отсто пред се како резултат на повисоката добиена дивиденда од акциите во Комерцијална банка АД Скопје - се посочува во извештајот. 

И покрај сето ова, компанијата бележи значително подобрување на профитабилноста, при што нето добивката достигна околу 3,17 милиони евра, што претставува раст од дури 430 отсто на годишно ниво. 

-  Во периодот Јануари–Декември 2025 година, Друштвото оствари консолидирана нето добивка во износ од 194.859 илјади денари, што споредено со истиот период 2024 година бележи зголемување за 430 проценти - стои во документот објавен на Берза. 

Вкупните расходи се намалени на 3.040.825 илјади денари или околу 49,5 милиони евра, што е пад од 20% во однос на 2024 година, при што трошоците за услуги се намалени за 28%, а вкупните оперативни трошоци значително се оптимизирани. Сепак, вкупната сеопфатна добивка е пониска и изнесува 138.009 илјади денари односно околу 2,24 милиони евра, поради намалување на пазарната вредност на акциското портфолио.

Тековните обврски изнесуваат 1.324.585 илјади денари односно околу 21,5 милиони евра, додека долгорочните достигнуваат 157.565 илјади денари или околу 2,56 милиони евра, со зголемување поради нови кредитни задолжувања. Во текот на годината компанијата инвестирала 264.532 илјади денари односно околу 4,3 милиони евра, претежно во механизација и опрема.

Гранит во 2025 година исплати и дивиденда за 2024 година во вкупен износ од 105.267.752 денари или околу 1,71 милион евра, односно 38 денари по акција, при што исплатата беше завршена до крајот на септември.

Иако приходите од продажба се под планираните поради бавните тендерски процедури, нето добивката е во рамки на очекувањата, а финансиските приходи ги надминаа проекциите. Во наредниот период компанијата очекува нов инвестициски циклус преку добивање на инфраструктурни проекти и забрзување на тековните тендери, што би можело да донесе нов раст на приходите.

П.О.

Фото: Принтскрин/Фејсбук
Слично

Поврзани вести