Економија, финансии, бизнис

Контакт

ГРАНИЧАТ СО КОНГО КАДЕ ИМА АКТИВНА ЕПИДЕМИЈА И ЗА СРЕЌА НЕМААТ НИТУ ЕДЕН СЛУЧАЈ НА ОПАСНИОТ ВИРУС: Новинарот Арминдо Переира од Ангола за Фактор

ГРАНИЧАТ СО КОНГО КАДЕ ИМА АКТИВНА ЕПИДЕМИЈА И ЗА СРЕЌА НЕМААТ НИТУ ЕДЕН СЛУЧАЈ НА ОПАСНИОТ ВИРУС: Новинарот Арминдо Переира од Ангола за Фактор

Во време кога светот се соочува со нови здравствени предизвици, вирусот познат како мајмунски сипаници, или по ново mpox, привлече внимание на глобално ниво. Оваа ретка, но потенцијално сериозна болест, која претежно се појавуваше во одредени делови од Африка, сега бележи растечки број на случаи во повеќе делови од светот.

Светската здравствена организација (СЗО) го класифицира вирусот како „вонредна состојба за јавно здравје од меѓународен интерес“, нагласувајќи дека, иако mpox „не е новиот КОВИД“, потребни се итни мерки за да се спречи понатамошното ширење на овој посериозен вид, односно Clade 1, кој може да се пренесе преку контакт кожа на кожа.

Вирусот mpox продолжува да се шири и на меѓународно ниво, со потврдени случаи во земји далеку од неговото почетно избувнување во Источна Африка. Во изминатата недела, четири земји – Шведска, Тајланд, Филипини и Пакистан – пријавија случаи на нов и потенцијално посмртоносен вид на mpox, познат како Clade 1, кој за првпат беше идентификуван во Демократска Република Конго.

Со вкупно 14 африкански земји кои пријавиле случаи, вирусот сега претставува глобална закана.

Сепак, постојат земји каде што вирусот сѐ уште не е регистриран. Една од тие земји е Ангола, каде што и покрај зголемената загриженост, досега не е забележан ниту еден случај на mpox. Според изјавата за Фактор на истакнатиот новинар на Journal de Angola, Арминдо Переира, од оваа африканска држава, ситуацијата во Ангола останува стабилна, но властите се подготвени да реагираат доколку се појави потреба.

-За среќа, до сега во Ангола немаме ниту еден потврден случај на опасниот вирус mpox. Сепак, постои зголемен страв меѓу населението, особено во пограничните области кои се на само неколку километри од Демократска Република Конго, каде што има активна епидемија. Границата со Конго е строго контролирана, и властите преземаат сите можни мерки за да спречат евентуално пренесување на вирусот во нашата земја. Ангола има население од околу 33 милиони луѓе, и нашата земја, иако досега не е директно погодена од големи епидемии на заразни заболувања како mpox, сепак има историја на справување со здравствени предизвици. Народот на Ангола е отпорен, но стравот е реален, особено поради географската блискост со Конго. Оваа загриженост се чувствува најсилно во областите кои граничат со ДРК, каде што локалните заедници се особено внимателни и ги следат препораките на здравствените власти, вели новинарот Переира за Фактор.

Инаку, како што вели Переира, според најновите податоци од Африканските центри за контрола и превенција на болести (Африка ЦДЦ), како и од владите на неколку африкански земји, варијантата Clade 1 на вирусот mpox се шири со загрижувачка брзина низ континентот.

-Оваа година, вирусот е откриен во 14 земји, меѓу кои Бурунди, Камерун, Централноафриканската Република, Брегот на Слоновата Коска, Република Конго, Демократска Република Конго (ДРК), Гана, Либерија, Нигерија, Руанда, Јужна Африка, Уганда, Кенија и Мозамбик. Најсериозно е погодена Демократска Република Конго, каде што има 16.700 потврдени или сомнителни случаи на mpox, вклучувајќи повеќе од 570 смртни случаи, што претставува најголемата епидемија на оваа болест досега забележана кај нашиот сосед. Во останатите држави кои ги споменав, здравствените власти прават максимални напори за да го контролираат ширењето на болеста, но предизвиците остануваат големи. На пример, Камерун пријави 35 случаи со две смртни случаи, додека Јужна Африка забележа 22 случаи и три смртни случаи. Додека некои земји како Бурунди, Уганда, и Мозамбик регистрираат само по неколку случаи без смртни исходи. Повторувам, ситуацијата во ДРК е алармантна. Оваа епидемија на Clade 1 на mpox во Африка е знак за потребата од засилени меѓународни напори за да се спречи понатамошното ширење на овој потенцијално смртоносен вирус.“

Речиси сите пријавени случаи - 96 проценти - низ Африка се во ДРК, каде што децата помлади од 15 години сочинуваат 60 проценти од случаите, посочуваат африканските центри за контрола на болестите.

Анита Буховски


Слично

Поврзани вести