Грандиозниот проект за Панорамско тркало е завршен, кога почнува изградбата?
Подготвките за почеток на изградбата на проектот Панорамско тркало се во завршна фаза. Од Градот Скопје велат дека главниот проект е веќе изготвен, но засега не соопштуват детали околу вредноста на инвестицијата, дали и со колку пари ќе учествува Градот, а колку ќе вложи соинвеститорот. Засега не е познато кога ќе се пристапи кон избор на соинвеститор, но со изработката на проектот веќе се создадени предуслови и за реализација на гандиозната инвестиција.
- Главниот проект за панорамското тркало е изготвен и сите други детали околу реализацијата ќе бидат наскоро дефинирани, за што јавноста и медиумите ќе бидат благовремено информирани, велат за Фактор од Градот Скопје.
Лани во септември Градот го потпиша договорот за изработка на основен проект за Панорамското тркало со придружни објекти и мост, со австриската компанија „a2 Hotelconcept GmbH“, во висина околу половина милион евра. Парите за подготовката на проектот се обезбедија од градската каса.
Конкурсот за избор на идејно решение претходно беше неколку пати поништуван бидејќи се додаваа нови работи. На крајот се избра трудот на австриските архитекти од студиото „ Massabni architects GmbH“, кои на јавноста и се познати и по идејните решенија за хотелот Мериот што се гради на плоштадот Македонија . Според проектот Панорамското тркало со придружни елементи ќе биде високо 60 метри, а ќе се гради на мост на реката Вардар во делот помеѓу Музејот на ВМРО и Стариот театар.
Идејното решение предвидува целосно уредување на простор, кафе-бар, историски вагони од кој посетителите ќе имаат поглед на целиот на градот од 60 метри, поточно комплетниот изглед на тркалото како што тогаш објасни австриската компанија на својата интернет страница е инспириран од историските симболи за Македонија. Градот Скопје освен за изработката на изведбеното решение, е задолжен и за издавање на одобрението за градба. Соинвеститорот треба да го изгради тркалото заедно со придружните елементи и мостот и со него да стопанисува, да наплаќа билети од неговото функционирање и да го одржува во следните 35 години.
Предлогот за распишување на тендер за соинвеститор за изградба на Панорамско тркало на една од седниците на стариот Совет на Град Скопје, беше симнат од дневен ред поради пропусти од технички карактер во документацијата за проектот. Од тогаш до сега сеуште предлогот за распишување на тендер не е ставен на гласање. Тогаш опозицските советници побараа градските власти комплетно да се откажат од овој проект, но тоа не се случи.
Ј.С.
Слично
