Граѓански организации: Да не дозволиме една заробена држава да се замени со друга
И покрај тоа што премиерот Зоран заев само привремено ќе ја врши функицијата министер за финансии, не смее да се дзоволи концентрација на моќ, а Законот треба да се почитува, стои во известувањето од Платформата на граѓанските организации за борба против корупцијата. Со наслов „Да не дозволиме една заробена држава да се замени со друга“, се потсетува дека ова е незаконски.
„И покрај привременото вршење на втората функција, сметаме дека обврска на институциите е да се почитува Законот, кој особено ги уредува прашањата каде што одговорноста, а со тоа и авторитетот, не смеат да бидат сконцентрирани во еден центар на моќ, туку преку контрола и баланс, одговорноста треба да се подели меѓу повеќе фактори кои заемно ќе се контролираат, стои во соопштението.
Истовремено укажуваат дека секое поместување на рамнотежата меѓу политичкото и институционалното раководење, може да претставува сериозна пречка за ефикасна борба против корупцијата и организираниот криминал.
„Така, ситуацијата од скорешното минато, кога (сега поранешен) висок партиски функционер од партијата на власт стана дел од управувачкиот орган во банка што е во косопственост на лица под обвинение од Специјалното јавно обвинителство, може да предизвика и судир на интереси. Ова се однесува и на назначувањето на член на партијата на власт за Директор на Агенцијата за национална безбедност спротивно на член 10 (параграф 1, точка 7). Реформата на безбедносните служби е стожерот на процесот на ослободување на државата и институциите од политичкиот интерес, пишува Платформата на граѓанските организации за борба против корупцијата.
Според нивните согледувања, ваквите политички и институционални спреги ја попречуваат борбата со високата корупција и дополнително го оневозможуваат носењето рационални антикорупциски политики засновани на анализи, кои се основна претпоставка за долгорочно и одржливо добро управување. Клучни закони, како што е предлогот за Закон за јавното обвинителство, се заробени во преговарање од позиција на тесни партиски и лични интереси, без да се земе предвид заедничкиот јавен интерес.
Во исто време, граѓанското општество забележува и недостиг на постапување по наодите на повеќе институции, меѓу кои и наодите на Државната комисија за спречување на корупцијата, а во јавноста се јавуваат и примери на притисоци врз вработените во институциите, кои откриваат повреда на законите, како што е случајот со инспекцискиот наод во високото образование.
Платформата повикува на почитување на институциите и на заштита на секоја индивидуа која спроведува постапка за откривање неправилност во работата на институциите, особено кога истата се случува поради лична корист на поединци од власта и лица поврзани со нив.
„Ги потсетуваме Собранието, Владата, Судскиот совет и Советот на јавните обвинители, градоначалниците и советите на локалните самоуправи дека покрај нивната лична одговорност, тие се одговорни и за функционирањето на институциите што се под нивен надзор. За успешна борба против корупцијата треба да се испрати јасна порака до сите фактори под нивна контрола дека борбата ќе биде бескомпромисна, а по наодите за незаконитост соодветно ќе се постапува.“, се вели во реакцијата на
Платформата на граѓански организации за борба против корупција.
