Граѓански Фронт бара Владата да се откаже од „распродажба на државното земјоделско земјиште“ или ќе има протести
Од иницијативата Граѓански Фронт ги соопштија ставовите за намерата на Владата за „распродажба на државното земјоделско земјиште“.
Јордан Трајков, претседавач на Граѓански Фронт, изнесувајќи ги аргументите за штетноста од реализацијата на ваквата намера упати повик до Владата да се откаже од истата како и до пратениците да не го изгласаат ваквото законско решение. Доколку Владата не се повлече од намерата, тој упати повик до сите граѓани, здруженија и партии кои се против ваквиот штетен закон на заеднички протест на 24 мај.
„Законот за продажба на земјоделско земјиште не се носи со намера да им се помогне на земјоделците туку зад него лежи намерата да се распродаде Македонија. Сакаат да не претворат сите во закрепостени селани и во робови кои работат во рудници“, изјави Трајков.
Вели дека Законот предвидува продажба не само на поединци и фирми туку и на странци со сомнително потекло на пари и со сомнителни намери и тоа во четири очи, што ќе ја поттикне корупцијата.
„Резултатот ќе биде тој дека неколку транзициски богаташи и странци ќе го разграбаат нашето стратешко богатство, а тоа е нашето земјиште“, рече Трајков.
Додава дека ова ќе доведе до тоа да увезуваме неквалитетна и скапа храна, со што населението ќе осиромаши.
