ГРАЃАНСКА ИНИЦИЈАТИВА 5ДО12: Oсвен МТСП, останатите министерства немаат конкретни решенија за барањата
Ова е 5ти (петти) камп на ГРАЃАНСКА ИНИЦИЈАТИВА 5ДО12, односно 60 дена граѓански активизам во претходниот систем со претходната Влада и Собрание, и 60 дена граѓански активизам со сегашната Влада и сегашното Собрание.
Во изминатите 120 дена, беа остварени средби во Собранието и работни состаноци со ресорните Министерства, заедно со претставници на Народен правобранител и Хелсиншски комитет за човекови права.
Освен Министерството за труд и социјална политика кое покажа спремност и се заложи да покрене иницијатива во Собранието за измени на Законот за социјална заштита по брза постапка, од останатите ресорни министерства се уште нема конкретни решенија за барањата кои беа доставени.
Задоволни сме што конечно после толку години, мрднаа работите од мртва точка, и што конечно нашите проблеми и барања се на дневен ред во Министерство за труд и социјална политика и во Собранието, сепак нема да дозволиме закони кои се однесуваат на нашите деца и нашата иднина да се донесуваат по брза постапка, и без наше проактивно учество.
Во измените во Законот за труд и социјална политка, во овој момент предвидени се само неколку од нашите барања, кои не се соодветно преточени во законски и подзаконски акти. Затоа, ќе учествуваме на сите јавни расправи и дебати во Собраниската комисија за труд и социјална политика, и нема да дозволиме измените во Законот за труд и социјална политика да се гласаат во Собранието, се додека не бидеме задоволни од исходот во Собраниската комисија. Напоменуваме дека во процесот на измена на законите, мора да бидат земени предвид европските регулативи и стандарди.
Дополнително, во нашите барања, освен измени на законски и подзаконски акти, содржани се и оперативни активности и интервенции кои се обврска на ресорните министерства.
Само како пример ќе ја споменеме потребата од обезбедување на основни услови за транспорт, пристапност и престој на лица со посебни потреби во образовните институции, почнувајќи од градинките и училиштата. Овој пример го посочуваме, токму затоа што 1ви Септември ни чука на врата, а ние не смееме да дозволиме нашите деца да пропуштат уште една училишна година.
Уште еден пример во образованието се „мерките за персонална асистенција“, кои како обврска треба да ги превземе Владата и Министерството за труд и социјална политика, а за кои нема конкретна методологија и стратегија за имплементација.
Од 1ви Септември, ГРАЃАНСКА ИНИЦИЈАТИВА 5ДО12 секако ќе продолжи со активностите кои се дел од Акционен План 2017 и Стратегија 2018 – 2021 на ГРАЃАНСКА ИНИЦИЈАТИВА 5ДО12, а се однесуваат на измена на законски и подзаконски акти во Собранието, вклучително и наметнување на извршни оперативни обврски на ресорните Министерства.
Од 1ви Септември, претставници на ГРАЃАНСКА ИНИЦИЈАТИВА 5ДО12 заедно со родители на деца од различни категории на попреченост, секој ден ќе бидат физички присутни пред ресорните министерства, вклучувајки ги Министерство за образование и наука и Министерство за здравство.
Апелираме до сите ресорни министерства, да ги формираат работните групи и да постават одговорни луѓе и професионалци, за да продолжиме со заеднички работни состаноци за изнаоѓање на заеднички решенија на нашите барања.
Во овој момент, како приоритети на ГРАЃАНСКА ИНИЦИЈАТИВА 5ДО12 ќе ги наведеме:
- Вклучување на граѓанскиот сектор во креирањето на политиките кои се однесуваат на лицата со посебни потреби
- Вклучување на граѓанскиот сектор во наоѓање решенија за подобрување на условите за живот на лицата со посебни потреби
- Вклучување на граѓанскиот сектор во имплементација и супервизија на програмите и проектите кои се однесуваат на лицата со посебни потреби
- Вклучување на лицата со посебни потреби како приоритет во програмата на Владата, и во работата на Собранието
- Вклучување на лицата со посебни потреби како приоритет во Буџетот на Р. Македонија, и буџетите на општините на Р. Македонија
* * *
ГРАЃАНСКА ИНИЦИЈАТИВА 5ДО12 ги повикува сите лица со попреченост, хендикеп или посебни потреби, заедно со нивните родители и семејства, да ја поддржат иницијативата и да учествуваат во процесот за изедначување на сопствените права.
Секој граѓанин може своеволно и доброволно да ја даде поддршката на ГРАЃАНСКА ИНИЦИЈАТИВА 5ДО12 во покренување на локални и национални иницијативи во Собранието, со потпишување на ИЗЈАВА ЗА ПОДДРШКА.
ИЗЈАВА ЗА ПОДДРШКА е достапна на следниот линк:
http://5do12.org.mk/…/upl…/2017/04/ИЗЈАВА_ЗА_ПОДДРШКА_МК.pdf
Здруженија на граѓани и неформални групи на граѓани и родители на лица со посебни потреби, со минумим 100 потписници, можат рамнопрaвно да учествуваат и одлучуваат во Собранието на ГРАЃАНСКА ИНИЦИЈАТИВА 5ДО12, чии обврски и задачи се дефинирани во МЕМОРАНДУМ ЗА ВМРЕЖУВАЊЕ И СОРАБОТКА.
МЕМОРАНДУМ ЗА ВМРЕЖУВАЊЕ И СОРАБОТКА е достапен на следниот линк:
http://5do12.org.mk/…/2017/04/МЕМОРАНДУМ_ЗА_СОРАБОТКА_МК.pdf
