(ФОТОГАЛЕРИЈА) ГРАЃАНИТЕ ВОЗБУДЕНИ ЗА ПОПИСОТ - попишувачите се добредојдени во домот
Возбуда кај граѓаните кои 20 години чекаа да бидат попишани и да придонесат во обезбедувањето на најосновните податоци за државата.

Од утринава, кога почна најголемата статистичка операција во земјава, нема информации за одбивање за попишување од страна на граѓаните или за каков било технички проблем, изјави директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски, по попишувањето на едно домаќинство во Ѓорче Петров.

„После 20 години го дочекавме денот да започнеме со најважаната статистичка операција во државата – Пописот на населението, домаќинствата и становите. Посакувам оваа операција да ја завршиме успешно во интерес на сите. Да се приберат доволен фонд на информации за сите граѓани, за станбениот фонд и сите податоци што се важни за државата. Пописот не служи на ниту една политичка партија, ниту на поединци, служи на оние кои треба да го градат развојот на државата“, изјави Симовски.

Инаку, пописот е организиран преку 50 регионални центри во кои се формирани пописни комисии составени од лица вработени во општините, меѓу кои се секретарите на опшштините. Нивна улога е да ја обезбедат целата логистика.


За секој пописен круг ќе влегува само еден попишувач, освен во случајот кога некое семејство ќе побара да се попише на јазикот кој попишувачот не го знае.

Во принцип околу 100 до 120 домаќинства во урбаните средини има еден пописен круг кој треба да го покрие.

Оние граѓани што нема да сакаат да даваат податоци ќе добијат прекршочна пријава, но откако ќе се исцрпат сите можности за убедување тие да се попишат.


