Економија, финансии, бизнис

Контакт

Граѓаните треба правно да се описменат за да можат да ги одбранат своите права

Граѓаните треба правно да се описменат за да можат да ги одбранат своите права

Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) преку својата програма за правно зајакнување на граѓаните дава континуирана поддршка на многубројни организации кои работат на полето на едукација на граѓаните за остварување на нивните права, особено на правата на маргинализираните групи. Иницијативата за развој и инклузија на заедниците (ИРИЗ) е една од организациите поддржани од ФООМ, а за придобивките од него и за спроведениот проект разговаравме со Фадиљ Џемаиљ, координатор во ИРИЗ.

Вие сте една од организациите кои добија поддршка од Фондацијата отворено општество – Македонија (ФООМ) за спроведување проект како дел од програмата за правно зајакнување на граѓаните. За каков проект станува збор?

- Станува збор за проект кој ИРИЗ веќе четврта година го имплементира, претходните две години под името Ромски ресурсен центар, односно вкупно 6 години. Во првите години проектот се имплементираше како два различни концепти, Социјална отчетност и Правно зајакнување на граѓаните од општина Шуто Оризари, а од 2016 година преку теренска посета на локалното население се појави потреба двата концепти да се спојат. Социјалната отчетност опфаќа мониторинг на буџети и мониторинг на програмите: Активна здравствена заштита на мајки и деца и Женско здравје, додека во рамките на параправната програма се врши правно зајакнување преку едукативни работилници и фокус групи на локалното население за препознавање на правата во однос на здравствената заштита, квалитетот на добиените услуги, прекршување на истите и други неправилности. Но, со параправната помош освен во полето на здравствената заштита на локалното население му се помага и во други области во зависност од нивните потреби како на пример домување, социјална заштита, вработување и др.

Параправниците се граѓани блиски до самата заедница, потекнуваат од неа, ги познаваат проблемите на заедницата и што е многу важно, заедницата има доверба во нив. Тие се обучени да обезбедуваат информации и подготовка на различни пишани документи потребни за остварување на одредено право, а кога има потреба од правна помош од повисоко ниво која може да ја обезбеди правник или адвокат, препраќаат до соодветни институции или граѓански организации. Тие им помагаат на граѓаните кои имаат потреба, да пополнат одредени формулари и обрасци со кои можат да обезбедат остварување на одредено право од здравствената или социјалната заштита, а кога е потребно и ги придружуваат до одредена институција. Обезбедувањето на параправна помош го координира и супервизира граѓанската организација ЕСЕ која се грижи за континуирана едукација и градење на капацитетите на параправниците, ја следи и проценува нивната работа и обезбедува правна поддршка за случаите препратени од параправниците.

Во оваа насока, би сакал да им посочам граѓаните дека, доколку имаат некој проблем поврзан со здравствена или социјална заштита, вработување и др., и доколку имаат потреба од параправна помош, нашиот контакт можат да го најдат на веб страницата pravnozajakni.mk. Ние сме тука за да понудиме помошили совет како граѓаните да постапат за да си ги остварат своите права.

На кој начин се реализира овој проект и во колкава мера тој ги остварува зацртаните цели?

- Овој проект започна да се спроведува со мапирање на ромските семејства согласно претходно утврдена методологија, а во партнерство со организацијата ЕСЕ. За спроведување на мапирањето, се формираше тим од четири фасилитатори кои се одговорни за четири реони во Шуто Оризари. Тие во својата работа посетуваат по 100 домаќинства секој и прибираат податоци преку интервјуирање на членовите на домаќинството, односно преку пополнување на прашалник. Преку одговорите добиени во интервјуата од вкупно 400 домаќинства, ние добиваме информации за социо-економската и здравствената состојба на населението.

Многу важна алка во целиот процес се аниматорите - тоа се лица од самата заедница, кои им помагаат на фасилитаторите, а кои се линк помеѓу нив локалното население. Секој фасилитатор работи со двајца аниматори, а секој од нив е одговорен за 50 домаќинства со кои е во постојан контакт (свои роднини, комшии, пријатели итн) и  овозможува непречен влез и комуникација со локалното население.

Покрај мапирањето, во рамките на проектот предвидени се и повторени посети, едукативни работилници, фокус групи, мониторинг на горенаведените програми, подготовка на карта за оценка на заедницата, валидација на истата, барања на информации од јавен карактер, координативни средби со локални организации и медиумски активности. Сите овие активности се во насока на зголемувањето на правната писменост на граѓаните и овозможување тие сами да си ги одбранат своите права.  

Колку поддршката од ФООМ помогна во спроведувањето на проектот имајќи предвид дека еден од најголемите предизвици кај проектите е обезбедувањето финансии?

- Со оглед на потешкотиите за обезбедување финансии за спроведување на проекти за правно зајакнување на локалното население, поддршката на ФООМ има клучна улога во неговото спроведување. Обемот на активностите, но и проблематиката со која се среќава локалното население има потреба од финансиска одржливост на подолг период, односно континуитет со цел да се овозможи граѓаните сами да ги препознаат прекршувањата на нивните права во различни области – во овој случај здравствената и социјалната заштита. 

Која е вашата мотивација во спроведувањето на проектот?

- ИРИЗ веќе неколку години делува во самата општина, вработените кои се вклучени во реализација на проекти и други активности потекнуваат од самата заедница и се запознаени со проблемите со кои нивните сограѓани се среќаваат, како и структурата и нивото на образование на истите.

Често се случува луѓето да не знаат или воопшто да не ги препознаваат своите права при здравствени, социјални и други услуги. Ваквата состојба ја влошува и така веќе лошата состојба на локалното население. Сето ова нѐ мотивираше да помогнеме на локалното население со цел граѓаните правно да се описменат за да можат да ги распознаваат своите права при реализирање на услуги од здравство, образование, домување, социјала и др.

Што покажува вашето искуство од терен, колку граѓаните се запознаени со нивните права и за можностите што ги имаат на располагање за да ги остварат тие права?

- Состојбата на терен е значително променета во однос на препознавање и запознавање на граѓаните со нивните права. Граѓаните сега за разлика од минатото во поголем процент пријавуваат нерегуларности во однос на добивање на здравствени услуги, социјална заштита и др. Лесно ги препознаваат прекршувањата на правата и квалитетот на добиените услуги и соодветно на тоа реагираат. Подучени се за постапките и довербата во институциите е зголемена во однос на изминатите години. Искуството ни кажува дека за прекршувањата на некои права, кои претходно не ги забележувале, сега има најмногу пријави, како на пример за незаконското наплаќање на гинеколошки услуги, потешкотии при закажување на преглед кај гинеколог и др.

Освен ова, локалното население знае и каде да се обрати доколку некое право им е прекршено и кои се чекорите во постапката. Сето ова ни укажува за потребата од нашата работа во заедницата и дополнителна мотивација за работа затоа што ИРИЗ работи само во дел од општината и ова се резултати кои се постигнати во оние делови каде што ИРИЗ делува. Не сите се правно зајакнати и нашата цел е правно да се описмени локалното население за да можат самите да делуваат во одбрана на основни човекови права загарантирани со Уставот. Во таа смисла тековната кампања за правно зајакнување и отворањето на веб страницата pravnozajakni.mk, ни е од огромна помош во однос  информирањето на граѓаните, најпрво генерално за потребата од правно зајакнување, но и за основните поими и насоки, како и контакти кои граѓаните ќе можат да ги искористат при решавањето на своите правни проблеми.  

Според ваша проценка, колку проектот на којшто работите влијае врз менување на општествената свесност кога станува збор за правното зајакнување на граѓаните? 

- Проектот во голема мера влијае врз менување на општествената свесност во однос на правното зајакнување на граѓаните. Од истражувањето кое го имавме во претходните години, а во рамки на проектот за правно зајакнување, очигледно е дека состојбата се подобрува од причина што се идентификувани поголем број на прекршувања на права од здравство, социјала и други области што во минатото не беше случај. Ова е добар индикатор за тоа дека граѓаните веќе ги знаат основните права и го препознаваат нивното прекршување. Сето ова се постигна преку реализирање на проектот и проектните активности како што се едукативните работилници, фокус групи со локалното население и др.

Какви планови имате во врска со овој проект или можеби со други кои што се поврзани со правното зајакнување на граѓаните?

- Со реализација на овој проект и проектните активности, како и истражувањата кои ги спроведовме во последните две години, а се во рамките на овој проект, имаме резултати и јасни насоки каде и како во иднина да делуваме. Нашата организација ИРИЗ во соработка со партнерската организација ЕСЕ креираше Стратегија 2018 – 2020 каде што се детектирани приоритети, проблеми, активности и мерки за решавање на истите, или на кратко продолжуваме и понатаму активно и посветено да работиме на правно зајакнување на граѓаните, пред нас е период на многу активности кои ќе овозможат многу придобивки за граѓаните. 


Слично

Поврзани вести