ГРАЃАНИТЕ ОДМОРААТ НА ЕЗЕРО ИЛИ МОРЕ: Зошто поретко бираат планина?
Во македонските планинарски домови поголема посетеност има во пролетните, летните и есенските месеци, а меѓу гостите доминираат странците, додека бројката на домашни посетители е мала.
Ваква слика даваат податоците на Државниот завод за статистика(ДЗС). Во мај годинава во планинарските куќи и домови престојувале 496 туристи. Во април бројката била 380. Во март годинава во планинарските куќи и домови имало 242 посетители, објави Државниот завод за статистика(ДЗС). Во февруари годинава бројката е мала, само 67 посетители, а во јануари била 52. Дел од граѓаните практикуваат да одат на планина, но повеќето одмораат покрај езеро, море или престојуваат во бања.
„Немам навика да одам на планина, одиме на море, во бањи. Како прават другите, така се однесуваме и ние. Има од помладите што одат во планинарски домови, и во Македонија и во други држави“, рече Снежана Тошевска, граѓанка.
Некои пак посетиле планини во Србија и Црна Гора, но во Македонија тоа ретко го прават.
„Сум била на одмор на планина, во Црна Гора, на Дурмитор. Би сакала да одам и на друго место, да одиме почесто во природа“, вели млада кумановка.
Друга жена објаснува дека нејзините деца одморале на планина, но таа лично не.
„Моите деца одеа со екипа, преку планинарското друштво „Козјак“ и убаво е да се излезе на чист воздух. Јас на одмор одев во Грција“, кажа Соња Стојковиќ, граѓанка.
Слаѓана Митевска, граѓанка вели дека таа повеќе сака одмор на планина отколку на плажа. Престојувала во планинарски домови кај нас, но и кај северниот сосед.
„Јас повеќе сум за планина и за селски туризам, отколку за море. Одам на еднодневни тури, но на Пелистер сум била во планинарски дом, во Србија на Копаоник и на Златибор сум била во планинарски домови. Кај нас со задоволство би одела во реонот на Крушево, ако има некој планинарски дом, а во градот секако сум била. Зависи од буџетот, но пет дена според мене се доволни за одмор на планина. Сум посетила и многу манастири. Потекнувам од реонот на Осоговските планини, сакам природа, таа ме исполнува и таму си наоѓам мир“, објаснува Митевска.
Планинари кај нас доаѓаат од соседството, но и од подалеку. Сепак, во странство планинарството е поразвиено.
„Нашиот планинарски дом не е во функција, во лоша состојба е и кога луѓе ни се јавуваат или ни пишуваат, ги упатуваме да кампуваат. Се надевам дека ќе го опремиме за брзо време. После короната луѓето стекнаа навика да одат на планина, се зголемува свеста. Последно бев во Словенија, на Триглав и многу се чисти домовите, не се луксузни, но сепак многу се средени и прилично се скапи. Таму планината беше преполна, и во Бугарија сум бил, било добро. Над Вевчани има убав планинарски дом. Далеку сме и од Грција и од Бугарија, и од Словенија. Во Словенија на секои 2 километри имаат планинарски дом“, вели Петар Ристоски, претседател на планинарското друштво „Бистра“ од Гостивар.
Во декември лани во планинарските куќи и домови одморале само 47 луѓе. Во ноември минатата година се регистрирани 148 посетители во планинарските домови. Во октомври лани имало 286 посетители. Во септември биле 511, а во август лани биле 555. Во јули лани во планинарските домови имало 462 туристи, а во јуни 392.
Норвешка, Швајцарија, Австрија, Франција и Канада важат за држави во кои локалците често одмораат на планина.
