Економија, финансии, бизнис

Контакт

Граѓаните од Трнодол не отстапуваат - остануваат на сите нивни барања

Граѓаните од Трнодол не отстапуваат - остануваат на сите нивни барања

Граѓаните од населбата Трнодол, организирани преку здружение „Трнодол Скопје“, до медиумите вечерва повторно испратија соопштение, во кое изнесуваат факти, пред кои, како што велат „и боговите молчат, освен градоначалникот на Општина Карпош“. 

Во соопштението нагласуваат дека остануваат на сите нивни барања доставени до Општината, советниците, комисиите за урбанизам, до Градот Скопје и до советниците.

„Или, со други зборови, бараме било кој предлог ДУП на Општина Карпош да се носи во постапка со почитување на Уставот, законите, правилниците и сите други меѓународни документи кои се ратификувани во нашата држава и со кои се гарантираат основните човекови права и слободи. Повторување на лаги и дезинформации на градоначалникот во изјави дадени од неговиот бункер, без храброст да се соочи со вистината на јавна презентација, е реакција на немоќ и немање аргументи базирани на закон. И да потсетиме: согласно член 2 став 2 од Законот за ПУП, ДУП-от кој е предложен и изгласан од советниците на Општината, Општината мора да го спроведе во целост, инаку се предвидени казнени мерки, лични и институционални. Значи ветувањата во стилот не верувај во тоа што гледаш туку во тоа што ти ветувам не поминуваат кај слободоумните граѓани на Трнодол“, велат во својот допис граѓаните.

Додаваат дека тоа во повеќе наврати јасно го предочиле, а тврдењата дека се изманипулирани дури од две политички партии, било во контекст на претходното сценарио за самоодбрана на градоначалникот. 

„За да поверуваме во ветувањата на градоначалникот треба истите да бидат преточени во сосема НОВ ДУП, каде нашите несогласувања ќе бидат корегирани согласно законските нормативи за УПП и Заштита на животната средина, од причина што предложениот ДУП е донесен во против правна и против уставна постапка. Дел од тие несогласувања ги повторуваме за да потенцираме дека е лага дека е „удоволено“ на нашите барања“, потенцираат од Трнодол Скопје.

Овие граѓани не се согласуваат со решението во новиот предлог ДУП за поделба на населбата на два дела и спојување на еден дел од населбата кон Шпанско село, а друг дел од населбата (дел од ул.Јан Хус и над Јан Хус) кон населба Жданец, и бараат да се изготви нов регулациски план за Трнодол со почитување на целовитоста на населбата и природните зададености на теренот. 

Не се согласуваат со решението во новиот предлог ДУП за затворање на влезот и излезот на населбата Трнодол кон улица „Козле“ и проектирање на нов влез и излез, преку долот, позади сервис „Тотоле“, преку едниствената улица „Нерешка“ за влез и излез во населба Жданец.

Наведуваат и други работи со кои не се согласуваат.

„Не се согласуваме со решението во новиот предлог ДУП со вцртување на новопроектирана сообраќајница - како сервисна улица низ населба „Трнодол“, која е дел од постојната ул.„Трнодол“, преку дел од постојната ул.„Лесновска“ до вкрстувањето со ул.„Презвитер Константин“, делот од ул.„Презвитер Константин“, па се до приклучувањетo на „Јужна обиколница Водно“ и отворање на населбата кон „Шпанско село“ и Козле, бидејќи истото ќе значи зголемување на сообраќајот на моторни возила и градежна машинерија низ самата населба која и така во моментот ги надминува границите на максималниот капацитет. Не се согласуваме со решението во новиот предлог ДУП со предвидени градежни парцели за колективно домување под брдото на објекти од 18, 16 и 13 метри висина, помеѓу бензинската на Макпетрол, Германска амбасада и самото брдо. Во новиот предлог ДУП НЕ е предвидено решение за заштита на земјиштето од лизгање при изградба на овие парцели и НЕ е земен во предвид во 2010 г. направениот елаборат за геомахинички испитувања на земјиштето и заштита на тлото под населбата од лизгање. Не се согласуваме што пред изработка на новиот предлог ДУП не е направена хидролошка студија за водотеците при проектирање на решенија за долот и каналот помеѓу Трнодол и Шпанско село кој во дел претставува претставува заштитна поројница и при несоодветни решенија може да дојде до поплавување и поткопување на брдото и дел од населбата Козле“, потенцираат граѓаните.

Велат дека листата е многу долга и се подготвени да ја изложат на било која национална телевизија, особено во дебатна емисија со градоначалникот, се разбира, додаваат,  „доколку тој има храброст да се соочи со аргументите!“.

Слично

Поврзани вести