ГРАЃАНИТЕ И КОМПАНИИТЕ ВО БАНКИТЕ ЧУВААТ 10,7 МИЛИЈАРДИ ЕВРА - растат и заштедите и кредитите, еве ги деталите
Лани во декември вкупните депозити бележат раст од 10,1 проценти на годишно ниво, а вкупната кредитна поддршка има раст од 13 проценти, покажува најновиот извештајот на Народната банка (НБ).
Според податоците од НБ, во декември 2025 година паричната маса (монетарниот агрегат М3 1,2) оствари месечен раст од 4,9 проценти под влијание на зголемените депозитни пари, краткорочните депозити и готовите пари во оптек, а во услови на пад на долгорочните депозити до две години. Годишниот раст на паричната маса изнесува 10,4 проценти и пред сè произлегува од повисоките депозитни пари и краткорочните депозити при помал позитивен придонес и на готовите пари во оптек и долгорочните депозити до две години.
- Вкупните депозити во декември забележаа месечно зголемување од 4,4 проценти, кое се должи на повисоките депозити на двата сектора, со поизразен придонес на секторот „домаќинства“.
На годишно ниво, вкупните депозити се зголемени за 10,1 проценти, во поголем дел поради растот на депозитите на секторот „домаќинства“, при раст и на депозитите на корпоративниот сектор - соопшти НБ.
Изразено во пари, вкупните депозити на граѓаните и компаниите во декември достигнале 10,7 милијарди евра. Најголем дел се депозити на граѓаните и тие изнесуваат 7,2 милијарди евра, а остатокот се заштеди на компаниите.
Во декември, се вели во соопштението, вкупните кредити бележат месечен раст од 3 проценти, кој се должи на зголеменото кредитирање на двата сектора, кое е поизразено кај корпоративниот сектор. Во споредба со годишната основа, вкупните кредити се зголемени за 13 проценти како резултат на растот на кредитите кај двата сектора, со малку поизразен придонес на корпоративниот сектор.
Изразено во пари, долгот на граѓаните и на компаниите за кредити подигнати од комерцијалните банки во декември надминал 9 милијарди евра.
Депозитите на корпоративниот сектор, пак, во декември, се зголемени за 6 проценти на месечна основа, главно под влијание на растот на краткорочните депозити во странска валута и депозитните пари при помал раст и на краткорочните и долгорочните депозити во денари, а во услови на пад на долгорочните депозити во странска валута. Во споредба со декември минатата година, растот од 6,5 проценти се должи на повисоките депозитни пари и краткорочните депозити, а во помала мера и на долгорочните депозити во денари, а долгорочните депозити во странска валута забележаа намалување.
- Овој месец кредитите на корпоративниот сектор бележат месечен раст од 5,1 проценти, кој во поголем дел е резултат на повисоките кредити во денари при помал раст и на кредитите во странска валута. Годишниот раст изнесува 15,3 проценти и во целост произлегува од зголеменото кредитирање во денари, посочуваат од НБ.
Вкупните депозити на домаќинствата, како што велат, во декември се повисоки за 3,6 проценти на месечна основа. Притоа, промената речиси во целост се должи на растот на депозитните пари, при помал раст и на краткорочните депозити, додека долгорочните депозити забележаа намалување. Анализирано на годишна основа, растот изнесува 12,1 процент и во најголем дел е резултат на зголемувањето на депозитните пари, долгорочните депозити во денари и на краткорочните депозити во странска валута.
‒Во декември, кредитите на домаќинствата, забележаа месечно и годишно зголемување од 0,9 и 10,9 проценти, соодветно поради растот на кредитирањето во денари и во странска валута, со поголем придонес на кредитите во денари.
Анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, во декември, најзастапените категории, потрошувачките и станбените кредити, бележат месечен раст од 1,4 и 1,7 проценти, соодветно, при годишен раст од 10,6 и 15,8 проценти, соодветно.
Овој месец, автомобилските кредити се намалени за 2,1 процент на месечна основа, додека на годишна основа остварија раст од 1,3 проценти.
Кредитите одобрени на кредитните картички, во декември, забележаа месечен и годишен пад од 1 и 5,5 проценти, соодветно.
Во декември, негативните салда на тековните сметки и кредитите одобрени врз други основи, бележат месечно намалување од 16,4 и 1,4 проценти, соодветно, при годишен пад од 2,5 и 11,4 проценти, соодветно - појаснуваат од НБ
