„ГРАЃАНИТЕ ЕДВАЈ ВРЗУВААТ КРАЈ СО КРАЈ, МИЦКОСКИ ПАТУВА СО ПРИВАТЕН АВИОН“: СДСМ бара одговори колку чини патот до Будимпешта
Опозиционерите од редовите на СДСМ денеска преку пресоопштение побараат владата и премиериот Христијан Мицкоски да објават колку пари се потрошени за чартер летото од Анталија до Скопје па до Будимпешта, па назат.
Тие укажуваат дека премиерот има двојни стандарди, тврдејќи дека на работниците не им треба зголемување на платите, но од друга страна троши илјадници евра на чартер летови.
- Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, кои тврдат дека платите се доволно високи и не треба да се зголемуваат, немаат никаков проблем да патуваат низ Европа со приватни чартер летови на партиски посети.
Веќе трет ден молчат и не откриваат колку чинел летот со приватна авиокомпанија, со кој педесетина претставници на Владата и медиуми отпатуваа за Будимпешта.
Мицкоски, познат по тоа што „го болат колената“ во економска класа и секогаш избира бизнис-класа, овој пат решил да оди чекор подалеку – со приватен чартер - пишува во соопштението на СДСМ.
Од партијата исто така додаваат дека „откако медиумите обелоденија дека Владата изнајмила авион, три дена јавноста чека одговор: колку чинеше ова патување?“
- Додека граѓаните едвај врзуваат крај со крај, плаќаат високи сметки и се борат да купат основни продукти, Мицкоски патува со приватни авиони и порачува дека во буџетот нема пари за повисоки плати.
Оваа ароганција и расипништво не е запаметена кај ниту една претходна Влада. Мицкоски има пари за сè – освен за граѓаните. И тоа е сè што треба да се знае за неговото владеење и политиките на ВМРО-ДПМНЕ - нагласуваат на крајот од соопштението од СДСМ.
