ГРАЃАНИТЕ ДА ОДЛУЧАТ ЗА СВОЈАТА СУДБИНА: Филипче бара референдум за ЕУ
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче денеска ја повика власта да распише референдум на кој граѓаните ќе можат да се изјаснат за иднината на земјата и за интегративниот пат кон Европската Унија(ЕУ). Според Филипче, граѓаните се единствените кои можат да одлучат за својата судбина. Тој нагласи дека не се работи за политичко прашање, туку за референдумско за секој граѓанин.
„Не сакаме сите да ја плаќаме оваа цена, распишете референдум, прашајте ги граѓаните. Не може вие да одлучувате за судбината на сите што живеат во државата. Не може Христијан Мицкоски да одлучува за нашите судбини. Едноставно, доста е. Мора граѓаните да одлучат за тоа. Затоа што граѓаните, нивните семејства, нивните деца, ќе ја плаќаат цената на овие погрешни политики на Мицкоски. Затоа граѓаните се единствените кои можат да одлучат за својата судбина“, рече Филипче на денешната прес-конференција.
Барањето за референдум доаѓа по изјавата на премерот Христијан Мицкоски кој вчера во Охрид на заедничката прес-конференција со хрватскиот колега Андреј Пленковиќ рече дека нема повеќе можности за идентитетски отстапки и за нашите национални одредници и дека „ако навистина билатералните прашања се тие коишто треба да го судат нашиот европски пат тогаш ние ќе се бориме на друг начин“.
Македонија не може да ги почне преговорите со ЕУ додека не ги внесе Бугарите во Уставот. Инаку, македонските власти бараа гаранции дека потоа нема да има нови услови и блокади.фото принтскрин
