Граѓани не го почитуваат предупредувањето за Водно, редарска служба нема
Рекреативци кои пешачат од јужната страна на Водно не ги почитуваат новопоставените знаци за опасна зона доека трае тестирањето на магистралниот гасовод кој минува преку планината.
Обележани знаци и ленти има, но граѓани реагираат дека ја нема никаде најавената редарска служба која треба да ја спроведува изведувачот на гасоводот „Рапид билд“.„Фактор“ испрати прашање до одговорното лице зошто нема „жива сила“ на теренот од страна на Сопиште, но од таму не добивме одговор.
Од Центарот за управување со кризи во петокот известија дека согласно информации добиени од фирмата „Рапид Билд ДОО“ заради безбедност на граѓаните, нивното движење во близина на гасоводната делница Скопје - Гостивар ќе биде регулирано.
Имено, како што е најавено, има обележан сигурносен појас од 100 метри од двете страни на цевката, заради пневматско испитување на цврстината и непропусност на магистралниот гасовод Делница Скопје - Тетово - Гостивар.
Испитувањето ќе се врши во три последователни временски интервали од 30 мај до 22 јуни 2024 година:
- на делницата од црквата св. Мина во Сопиште (км 17+401) до Полициска станица Глумово (км 28+400), од 30 мај до 12 јуни;
- на делницата од Полициска станица Глумово (км 28+400) до селото Паничари, општина Сарај, (км 37+400), од 7 јуни до 16 јуни и
- на делницата од селото Паничари, општина Сарај (км 37+400) до пред село Ларце, општина Желино (км 47+829), од 12 до 22 јуни годинава.

- Во известувањето до ЦУК, "Рапид Билд" известува дека во согласност со законските регулативи и одобрената процедура за работа од инвеститорот и надзорот на проектот за изградба на магистрален гасовод Скопје - Гостивар, за време на изведување на испитувањето на цврстина и непропустност, пристапот на неовластени лица во сигурносен појас од 100 метри од двете страни на цевката е ограничен, посочија од ЦУК.
Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов појаснува дека и покрај испитувањето, пристапот на Водно не е забранет за посетители, но предупредува сите кои сакаат да се рекреираат низ Водно, да бидат екстра внимателни.
- Треба да се внимава на зоните кои се обележани со знаци за предупредување кои се поставени на самите планинарски патеки со дополнително врзани обележувачки ленти преку патеките. На патеките кои минуваат преку зоните на испитување фирмата треба да постави и лица за известување и предупредување - појаснува Ангелов.
