Градот Скопје бара разбирање од граѓаните за „градежната офанзива“
Градот Скопје преку соопштение замолува за трпение кај граѓаните револтирани од метежот, како што велат од таму, додека траат градежните работи на улиците и булеварите. Во периодов градежни работи има на 11 локации низ градот, во неколку скопски општини, информираат од градската управа.
Градежните работи се во тек на:булеварите АСНОМ, Борис Трајковски, Киро Глигоров, на капиталниот проект за изградба на два кружни тека, подвозници и надвозници кај Момин поток, на улиците Васко Карангелевски, Лука Геров,Индира Ганди и пробивањето на Есенинова.
Во наредниве денови треба да започне и реконструкцијата на:булеварите Митрополит Теодосиј Гологанов, Кузман Јосифовски Питу и Крсте Мисирков, како и на улица Бутелска.
„Градот Скопје упатува благодарност до граѓаните кои имаат разбирање и трпение кое е неопходно за во исто време да се реконструираат толку голем број улици и булевари во различни општини. Екипите коишто работат на реконструкциите се трудат да ги изведуваат брзо, во рекордно кратки рокови, со внимателно планирање на привремените сообраќајни режими за да се обезбеди оптимална брзина и безбедност за сите учесници во сообраќајот“, велат од таму.
Слично
