Економија, финансии, бизнис

Контакт

Градот херој Прилеп го празнува востанието против фашистите

Градот херој Прилеп го празнува востанието против фашистите

Македонија го прославува 11 октомври, денот на антифашистичкото востание со првата пушка која пукнала во Прилеп и Куманово. Токму во градот херој Прилеп им беше оддадена почит на загинатите борци и дејци од Народноослободителната борба.

Пред спомениците на првиот претседател на президиумот на АСНОМ Методија Андонов Ченто и на идеологот на НОБ, Кузман Јосифоски Питу, во центарот на Прилеп, свежо цвеќе положија и почит им оддадоа претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов, министерот за одбрана Радмила Шекеринска, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, од Сојузот на борците, претставници од локалната самоуправа, политички партии и граѓани. Делегациите почит им оддадоа и на 650-те загинати борци од НОБ на Могилата на непобедените во Паркот на Револуцијата.

Претседателот на Сојузот на борците на Прилеп Круме Соколоски во својата изјава пред, како што рече, светото место – Могилата на непобедените, нагласи дека востанието кое почна на 11 октомври 1941-та е првото и последно победоносно востание на Македонија, почеток кон конечното остварување на вековниот сон – слободна и независна држава. Затоа на Македонија и се потребни сплотеност, единство, одредени компромиси и солидни политики.

Според министерот за одбрана Радмила Шекеринска, непобедени се сите кои се бореле за слободна и независна Македонија, а секоја генерација има своја битка.

– Велиме непобедени се сите оние кои се бореле за слобода. И поради нивната борба пред многу години, денеска Македонија е слободна и независна држава. Меѓутоа, секоја генерација има своја борба. Македонија како држава покажа дека е зрела понатаму да се избори за својата демократија, за својата стабилност, безбедност и за својот економски просперитет. Денеска кога им оддаваме почит на сите минати борци, време е да се потсетиме и на они кои денеска ја бранат Македонија и нејзините интереси. Затоа ми е задоволство да кажам, како и вчера, дека владата успеа да обезбеди средства во буџетот за 2018 година за зголемување на платите за 10 насто во целиот армиски состав, рече Шекеринска.

За министерот за транспорт и врски Горан Сугарски оддавањето почит на загинатите борци и дејци кои се бореле за денешна слободна и независна Македонија потсетува на нашите заложби дека борбата за европска Македонија се темели на она што значи слобода, демократија, човекови права.

За Марјан Ристески битно е да се обезбеди развој на Прилеп и да се почитуваат историјата и традициите.

Слично

Поврзани вести