Градоначалникот на Зрновци: Столот не е гејмерски, туку е канцелариски
Градоначалникот на Зрновци, Борчо Коцев, вели дека столот од 9.999 денари е наменет за канцелариски потреби и дека не е гејмерски, откако СДСМ обвини дека директорката на училиштето „Синиша Стоилов“ – Зрновци, Слаѓана Гаврилова, го купила во јавна набавка.
Беше објавено дека директорката Гаврилова потрошила 18.471 денари за набавка на гејмерски стол, хибриден брич, блендер и безжично глувче, а градоначалникот вели дека тоа е материјал за наставна програма.
Гејмерскиот стол кој чини 9.999 денари според Коцев, е канцелариски стол од најевтин тип и е набавен за потребите на вработените, исто како и останатите производи.
„Кога беа објавени информациите за набавката, исконтактирав со директорката и со секретарот на Основното училиште „Синиша Стоилов“. Бев информиран дека како што се набавени многу други материјално-технички средства за потребите на училиштето, така се набавени и споменатите производи. Значи согласно Програмата за работа на училиштето, таму имале организирање на работилница – изготвување на здрава храна. Во работилницата бил вклучен и приватниот сектор. Исто така, била организирана и ликовна колонија на која имало четири различни методи на изработување на уметнички дела“, вели Коцев за ММС.
На прашањето зошто е купен и хибриден брич, тој посочува дека ваквиот производ бил потребен за изготвување на некои од делата во рамките на неодамнешната ликовна колонија, но и за некои наставни програми во делот на домаќинството.
За Гаврилова пак, вели дека шест месеци ја извршувала функцијата в.д директор на училиштето, а од пред еден месец со решение е поставена за директор.
