Градоначалникот на Крушево: За Илинден со скратена програма
Крушевскиот градоначалник Томе Христоски, најавува скратена, но достоинствена програма за прославување на 117-годишнината од Илинденското востание, а според најавите, очигледно ќе изостанат собирањата.
- Владата ја задолжи Комисијата за заразни болести утре и задутре да изготви препораки и решение за прославите за Илинден во Пелинце, Скопје и во Крушево. Факт е дека нема да има големи собирања, но Комисијата ќе го каже своето. Манифестацијата „10 дена крушевска република“ ќе биде со скратена програма. Најбитно ни е да се задржи достоинството за одбележувањето на големиот Илинден, на потсетувањето на големината на Илинденското востание, но за се друго ќе ги чекаме препораките. Од тоа зависат и прославата и програмата на Манифестацијата, изјави Христоски.
Централната прослава на националниот празник е на 2 август, на Илинден, на Мечкин Камен, а инаку програмата која ја организира Крушево опфаќа 10 дена.
